Расте бројот на повреди и жртви на работното место во градежништвото и сето тоа е поради премореност на работниците, кои работат во екстремно тешки услови за работа, треба да се воведе бенефициран стаж, повисоки плати за да не бидат приморани да работат во прекувремени часови и ноќе кога се случуваат најголемите повреди и жртви порачуваат од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање при ССМ.
- Ако ги собереме сите податоци во агроиндустријата, каде што имаме најголем број на повреди, жртви, па потоа градежништвото, металната, текстилната индустрија зборуваме за преку 200 повреди на работа во текот на една година и можеби до 20 жртви со фатални последици каде што подлегнале на повредите тие работници. Навистина сме во ситуација кога ќе се случи такво нешто да ги оптовариме и семејствата на тие луѓе пред се и работодавачот и самиот вработен кој што се повредил и Фондот за здравствено осигурување, вели Иван Пешевски, претседател на СГИП .
Според Пешевски не треба да се носат брзи законски решенија туку да се соберат мислењата на сите засегнати страни кои ги согледале проблемите на терен. Министерката Тренчевска со апел до работниците да ги пријавуваат повредите затоа што секоја пријава значи поголема безбедност на работниците и подобри услови за работа, соодветно на тоа и надомест за претрпената штета на работникот. Секој работодавач пак треба да обезбеди безбедни и здрави услови за работа со почитување на Законот за работни односи.
- Ако сакаме да ги имплементираме законските обврски, тогаш треба да бидеме свесни дека инспекцијата не може да дознае дали имало или нема повреда на работа, ако истата не биде евидентирана најпрво во здравствена установа, потоа во полицијата и на крајот полицијата и здравствената установа согласно протоколите за работа го известуваат Државниот инспекторат за труд кој што излегува на лице место и ја констатира повредата, рече Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика .
Добросостојбата на работниците, здравото работно опкружување и заштитата на работната сила се исклучително важни и за истите е потребна солидна законска рамка порача Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегација на ЕУ.
Нина Стефанова