Ние бараме 78 отсто покачување на платата, во спротивно постои можност од активирање на штрајкот кој моментно е ставен во мирување и радикализирање на протестите, истакна Јасмина Величкова, претседателка на независниот синдикат на судската администрација во вечерашната Топ тема на ТВ Телма.
„Револтот беше најголем по покачувањето на функционерските плати, а на нас, вработените во сите судови, ни беа скратени додатоците на плата за 35 проценти кои беа гарантирани со закон и во случај на ребаланс на буџетот, тие додатоци не можат, не смеат да се намалуваат. Односно, средствата наменети за финансирање на судството, оние 0,8 проценти кои постојано ги споменуваме на протестите, веќе две години се намалени за судството и правосудството и пренаменети од владата во други ресорни министерства“, посочи Величкова.
Таа го повтори барањето за враќање на додатоците за посебни услови за работа, додатокот на плата за висок ризик, додатокот на плата за доверливост и додатокот на плата за ноќни работи, односно прекувремена работа.
„Ако во судството не постои висок ризик, каде ќе има. Во министерството за финансии, министерот им покачи плата за 30 отсто на своите вработени. Меѓутоа во нивните ресорни министерства, не знам дали записничар пишува по 160 пресуди месечно или доставувачите на министерствата носат по 50 писма на ден по секакви места и дали во нивните оддели, како во кривичниот суд, се судат предмети од организиран криминал, корупција, тешки кривични дела, како тероризам, терористички организации, трговија со луѓе, трговија со малолетни лица, криумчарење мигранти, како облик на жртви од илегална миграција. Значи, судските службеници се изложени на визок ризик. Тие додатоци не ни ги даваат на нас од март. За нас нема, за функционерите има“, потенцира Величкова.
Од министерството за финансии, како што рече, им било посочено да се обратат до министерството за правда од каде сè уште не се поканети. Величкова очекува покана од Правда до синдикатот со кој раководи за вклучување на претставници во преговорите за решавање на проблемот.