Ново остро предупредување од Холандија за неспроведување на реформите и несправување со корупцијата во земјава. Холандскиот амбасадор во Македонија вчере не штедеше на зборови дека Македонија нема волја за промени и дека до денес не направила ништо освен што трупа изговори за неисполнување на барањата за членство во Унијата и ги троши парите на европските даночни обврзници, но без да ги имплементира европските вредности.
Ваквите критики од страна на амбасадорот, Дирк Јан Коп, за Марко Трошановски од Институт за демократија се директно и искрено скицирање на состојбата со корупцијата во земјава која бележи висок раст и по вертикала и по хиризонтала, како и застарување на таквите предмети или нивно амнестирање.
Трошановски притоа смета дека Холандија нема да отстапи од оваа теза за Македонија, но оти геополитичкиот контекст сепак ќе ја одврати од блокада на земјава за преминување во втората фаза од преговорите за членство во Европската унија, по спроведување на уставните измени.
Сепак неспроведувањето на реформите, високот ниво на корупција и ниското ниво на владеењето на правото ќе го земат својот данок потоа во преговорите за членство.
Инаку во 2018 година Македонија за влакно избегна блокада од Холандија за преговори со Европската унијата поради степенот на корупција во земјава, а францускотот вето во 2019 со барање за реформа на методологијата на преговори беше зачинето со холандска и данска поддршка поради нискиот степен на владеењето на правото во земјава.
Тамара Грнчароска