Пестицид забранет за употреба причина за тројното труење. Кобната пита со праз сервирана пред неколку дена вчера однесе еден живот.
Двете други лица се борат во тешка здравствена состојба, едно од нив се уште е во кома. За сега не е познато како отровот завршил во храната.
„Комишјата ги однел синот и снаата, а нашата екипа ја носеше бабата. Според информациите снаата починала 47-годишна“, вели д-р Ѓорѓи Карамановски за Телма, кој на 15 октомври во примил повикот во Брзата помош.
Затруени биле откако дома јаделе пита со праз, што сами ја подготвиле. Случајот со труењето е пријавен во полиција пред два дена, на 17 октомври. Клиниката за токсикологија пријавила дека на 15 октомври кај нив биле донесени три лица, сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот дом, велат од МВР.
Откако во јавноста се прошири веста дека причина за труењето е пестицидот, доктор Беќаровски изјави дека не треба да се шири паника кај населението, бидејќи причината за фамилијарното труење и еден изгубен живот со пестицидот, не е ниту прсканиот праз, ниту брашното во питата.
Станува збор за класично акутно труење со овој пестицид, а дали било намерно или случајно треба да покаже истрагата, вели Беќаровски. Од полиција велат дека се работи на расчистување на случајот. Инаку, песицидот Ланате е забранет во Македонија.