Зголемување на платите за 30 отсто, нов колективен договор, бенефициран работен стаж, зголемување на инфективниот додаток на 4 отсто и трансформација на определено работно време со неопределено, се барањата на Независниот синдикат на здравствените работници кои излегоа на предупредувачки протест пред повеќе здравствени установи. Велат дека се свесни оти Министерството за здравство во дадениот момент нема доволен буџет, но решението на проблемот е во Министерството за финансии каде побарале средба, но за сега нема никаков одговор.
„Зошто тогаш за нас, здравствените работници и не само за нас туку за сите, нема финансии во централниот буџет. Ако нема финансии за нас, зошто тогаш за УЈП имаше, за Министерство за финансии имаше, УЈП се закани со штрајк дека нема да работи, излегоа луѓето и добија 30 отсто. Што треба ние да направиме? – Треба сега во овој момент да ги повикам приватните здравствени установи, матичните лекари, да престанат да даваат упати, без разлика за каде, единствено оние кои се со кардиоваскуларни заболувања, онколошки заболувања или дијабетичари, а за другите да престанат да даваат упати. Што ќе се случи потоа?“, изјави Лазар Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија.
„Ние со толку малку персонал ги завршуваме најпрофесионално сите задачи и до сега, барем јас не знам да сме дигнале глас со некое барање, но ова го правиме за секој сам да не си го решава својот проблем. Тоа што значи да бара друга работа, да ја менува професијата или да заминува во странство“, изјава Кристина Олевска, претседателка на Независниот синдикат на здравствени работници за ГОБ „8 Септември“.
За премиерот Ковачевски, легитимно е да постојат повеќе синдикати со различни барања, сепак тие барања треба да бидат во рамките на она со што располагаат даночните обврзници.
„Ние потпишавме договор со Синдикатот на здравствени работници, доминантниот, репрезентативниот и ако погледнете се она што е направено платите се зголемени, на специјалистите за 40 отсто, платите на докторите, исто така, се зголемени, на медицинските сестри и на немедицинскиот персонал и тоа за прв пат во таков износ како што тоа го направи оваа влада. Дополнително што со колективниот договор беа зголемени платите на сите за 10 отсто и сите ќе добијат К15 во износ од 10.000 денари, а од наредната година така како што е во Општиот колективен договор кој што го потпишавме со ССМ“, изјава Димитар Ковачевски, премиер на РСМ.
Дел од здравствените работници протестираа и во Гостивар, Тетово, Крушево, Неготино, Кавадарци, Прилеп.
Нина Стефанова