Корупцијата „ги изеде“ парите од ЕУ додека непотизмот и понатаму владее. Изговорите го заземаа местото на реформите и затоа сега Унијата чека на Македонија, а не обратно.
Со овие зборови холандскиот амбасадор во земјава испрати остри критики и јасни пораки до надлежните.
Не може во ЕУ, ако ги сакате само парите на ЕУ, а не и вредностите – кажа Дирк Јан Коп на регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“, во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“.
„Што правите вие освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство?! Зошто вие не ги извршивте потребните реформи пред петнаесет години како и другите земји? Слушам дека Европската унија е виновна и дека членството е заедничка одговорност, како и тоа дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нѐ оставате нас да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?!“ вели Дирк Јан Коп, амбасадор на Холандија.
Пред присутните се обрати и вицепремиерката Грковска. Алудираше на влијанијата во правосудството, како една од најболните точки во реформскиот пат кон ЕУ.
Порача дека покрај објективните, се создаваат и намерни внатрешни кризи со една цел – одвраќање на Македонија од европскиот пат.
„Обременетоста со историјата на конфликти и сите надворешни и внатрешни фактори кои на овој или оној начин профитираат од тој наратив и ден-денес се сопирачка која ги отежнува позитивните процеси кон кои сме насочени и посветени. Простете што можеби звучам малку гневно, но од позицијата на која сум многу добро знам кои се болните точки и колку е тешко тие да се надминуваат во услови на константни и комбинирани кризи. Не може да се негира ниската доверба во институциите, а особено во правосудството. Во една мала земја како нашата очигледно тешко е да се исфрлат од употреба тефтерчињата“ смета Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење.
На ова возврати и холандскиот амбасадор.
„Заменик-претседател Грковска, не грижете се што звучите малку гневно. Јас сум уште полут од вас“ е одговорот на Дирк Јан Коп.
Нема политичка волја, а проблем се и верските заедници коишто ги блокираат промените, смета амбасадорот и прашува – каква порака испраќаат политичарите коишто се нечујни за важните прашања, но сѐ уште сакаат да се фотографираат со свештеници и оџи.
До сите чинители ја испрати пораката во име на целата меѓународна заедница – нема друга алтернатива освен патот напред кон ЕУ.
„Друга алтернатива е за дваесетина години да се создаде една група на сиромашни земји со празни села, со празни места каде што ќе останат само стари луѓе додека останатите ќе бидат емигрирани. Знаците се тука. Ова не е бајка. Денешниот геополитички контекст е во најмала рака сложен, но неговото релативно мало влијание врз регионот не може повторно да се искористи како изговор да не се оди напред. Одењето напред може да се постигне само ако има владеење на правото, демократија и почитување на човековите права“ смета амбасадорот на Холандија.
Ова не е првпат амбасадорот на Холандија да испрати сериозни критики.
Пред неколку месеци Судскиот совет во земјава го нарече „нелегитимно тело“, а Холандија стави во мирување голем проект со оваа институција.
Петар Догов