Честото назначување на в.д директори ги заобиколува утврдените правила и критериуми за раководните позиции, покажува новото истражување на Миша Поповиќ. Практика која ги поткопува принципите на правичност, конкуренција и транпарентност по кои треба да се води процесот на вработување и избор. За дискреционите права на функционерите за кои често споменува и Антикорупциска при назначување директори на јавни институции, според Поповиќ секогаш во управувањето со државата и институциите ќе постои некакво ниво на дискреција, сепак постои регулатива која што налага на оние кои ги носат одлуките да ги образложат.
Вие да именувате вршител на должност, не значи само да го поставите вие треба да образложите, осoбено кога го именувате без некои околности кои навистина налагаат да се именува вршител на должност, тоа се околности кои се несреќни, неповолни, на пример смрт, меѓутоа ако сакате да промените некого вие веднаш штом именувате в.д, вие морате да ја почнете постапката за објавување на оглас, вели авторот на истражувањето Миша Поповиќ.
Според Грковска станува збор за децениски проблем, кој во еден дел е решен со регулирањето на начинот на избор на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија и тоа веќе се практикува.
Како Комисија за човечки ресурси и одржлив развој која според закон стана надлежна од оваа година, да го прави тој избор по пат на јавен оглас, меѓутоа се уште сме далеку од тоа да можеме да бидеме задоволни дека имаме едно комплетно системско решение, кое што ќе ги подобри условите и законските механизми за избор на вистинските и професионалците кои би требало да бидат на раководни места, вели вицепремиерката Грковска.
Во препораките на истражувањето се наведува и потреба од стандардизирани процедури за избор, подобрување на задолженијата на независни тела како ДКСК, Законот за култура да се измени за да се воведе формален процес на избор на директорите на националните културни институции.
Нина Стефанова