Додека се подготвуваше дебатата за безбедносните импликации врз државите во Западен Балкан од војната во Украина и потенцијалното жариште во Косово, организаторите ги затекна и конфликтот во појасот Газа. Тоа зборува дека на мирот и безбедноста треба уште многу да се работи, нема локален и регионални конфликти, тие не засегаат сите, посочија панелистите на Катедрата Аденауер што се одржува на Универзитетот во Битола. Целта на настанот е да се сврти вниманието на меѓународната и дипломатската заедница од потребата на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
„Иако идејата беше да дискутираме за настаните во Косово, од минатата недела се соочуваме со нов интензивен конфликт во Израел, вчера се случи терористички напад во Израел. Тоа покажува дека мирот и безбедноста, за жал, се земаат здраво за готово и сè уште треба да работиме на нив и треба да станат апсолутен приоритет за регионот и за сите нас, вели Катерина Јакимовска, Центар за европски студии Вилфрид Мартенс-Брисел
Во време на исклучително сложени геополитички околности на потег е ЕУ која има моќна алатка-проширувањето, вели професорот од правниот факултет во Битола, Горан Илиќ.
„ЕУ пропушти многу шанси досега да го интегрира целокупниот Западен Балкан во нејзината структура. Тоа е голема грешка на Унијата и има негативни импликации во сите земји на Западен Балкан. Сега не смее да се дозволи да се одолговлекува процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија и треба да се случи што е можно побрзо. Тоа го бараат геополитичките околности, бидејќи треба да знаеме дека ЕУ е продукт на геополитика, проширувањето е геополитика, а не само бирократија и административни процедури, вели проф.д-р Горан Илиќ, Правен факултет УКЛО Битола.
И поранешниот вицепремиер за европски прашања и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски посочи дека ЕУ има нарушен кредибилитет на Балканот и рече дека за стабилизација на регионот потребата е целосна интеграција на државите од Западен Балкан во Унијата.
Емилија Мисирлиевски