Основното јавно обвинителство Велес денеска оформи предмет за негувателка од градинката „Димче Мирчев“. Се проверуваат информации за тоа дали таа им давала да пушат електронска цигара на дечињата од нејзината група.
„Во насока на испитување на евентуални основи на сомнение за кривично дело на запуштање и малтретирање дете, надлежен јавен обвинител издаде наредби и насоки до МВР за преземање на дејствија кои вклучуваат да се извршат разговори со лица (вработени и родители) кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот. Се преземаат и други дејствија, а предметот е во фаза на предистрага“, соопштуваат од Основно јавно обвинителство Велес.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ го осуди овој случај и побара одговорност и од негувателката и од директорката на градинката. Ја обвинуваат директорката дека досега не успеала да реши ниеден проблем. Тврдат дека имаат извештаи во кои се гледа дека доцнат платите на вработените во градинката и бараат таа да поднесе одговорност, а министерката за труд и социјална политика да даде оставка.
Директорката на градинката, Маја Велиновска ги отфрла сите обвинувања, вели дека досега градинката работела коректно и по пријава од родителите за случајот таа постапила според сите закони и прописи.
Овој случај беше обелоденет во медиумите на почетокот на оваа недела, кога децата се пожалиле на болка во градите и им раскажале на родителите што се случувало. Тие со заверени изјави отишле кај директорката. Негувателката веднаш била суспендирана и била покрената дисциплинска постапка.
Земени се изјави од родителите и вработените и во моментот за случајот одлучува основното јавно обвинителство Велес.