Работат за 22 000 денари месечно и не им е доволно зголемувањето на платите од 10%, согласно новиот Општ колективен договор. Администрацијата од сите јавни обвинителства во Македонија, од денеска штрајкува. Револтирани се поради зголемувањето на платите на функционерите до 78% пролетва. Бараат зголемување на нивните плати за тој процент, како и враќање на додатоците на плата, кои им се скратени во последниве 6 месеци. Организирани преку Синдикатот на Управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, административците од јавните обвинителства порачаа дека до исполнување на нивните барања нема да работат, со исклучок на предметите за притвор, претрес или неодложните жалби.
Нашите барања се : Зголемување на платите за 78% и враќање на додатоците на плата во висина од 35%. За време на одржување на штрајкот, вработените во јавните обвинителства нема да работат, ниту ќе бидат на свите работни места. Штрајкот , кој започнува денеска ќе се спроведува во сите 28 обвинителства на територијата на државата и ќе трае се до исполнување на нашите барања. За време на штрајкот ќе се извршуваат единствено итни и неодложни работи, вели Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Од Синдикалната организација на јавни обвинителства на Македонија, рекоа дека со зголемување на платите на функционерите за 78%, разликата во плати меѓу нив и избраните функционери е 1: 6, а од февруари функционерските ќе пораснат за дополнителни 200 евра. И дека, од денот кога со одлуката на Уставниот суд примањата на функционерите пораснале до 78%, ним им биле скратени додатоците на плата.
Да ги скратиш додатоците на плата кои изнесуваа за ЈО за Организиран криминал – 35%, значи мора да признаете 35% на 20 000 денари не се малку пари. А, за сите други само 5%. И тие 5% да ги скратиш во истиот ден и да не оставиш само на плата. А, додатоците се тие што не прават нас специфична служба, изјави Габриела Илиева, претседателка на Синдикална организација на јавни обвинителства на Македонија при УПОЗ.
До пратените во Собранието испратиле амандман , со кој бараат зголемува на платите со ребалансот на буџетот. Бараат и вклучување во изработката на Законот за обвинителска служба и средби со министрите за правда и за финансии, за решавање на проблемите. Јавниот обвинител Јовевски ги подржува во нивните барања за повисоки плати и вели дека за тоа треба да разговараат со надлежните. Од Правда најавија повеќе информации на утрешниот брифинг со министерот Лога, а од Финансии нема одговор за средба со Бесими.
Сотир Трајков