Ако образованието е најголемото богатство на еден народ – тогаш ние сме сиромашни. Нема иднина ако нема учебници, а министерот Шаќири мора веднаш да си понесе одговорност бараат од секторот за јавни дејности во Тетово, каде тврдат дека во градот недоставуваат над 40.000 учебници. Револтирани што надлежните ги оставиле учениците без учебници, сметаат ова е голем неуспех за државата.
„МОН мора да ја преземе одговорноста за овој голем неуспех и веднаш да интервенира за да ги обезбеди потребните учебници за учениците од Тетово. Доста е со крадење на нашите пари, доста е со крадење на нашата иднина. Учениците сакаат да учат, подобрете ги условите за тоа сте таму“, вели Назми Даути раководител на Сектор за јавни дејности при општина Тетово.
Министерот Шаќири за денеска најави одговори на сите отворени прашања во образованието, но не застана за изјава. Одговор даде преку соопштение до медиумите.
„Информираме дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои пак, се во сопственост на издавачки куќи. За шесто одделение, одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача“, велат од МОН.
Учебниците се неопходен материјал во образовниот процес и клучна алатка за квалитетно образование и тие мора веднаш да стигнат до учениците му порача ПРВИОТ ЧОВЕК НА УКИМ.
„Квалитетот во високото образование конечно е рефлексија и на стекнатото образование во претходните години, во основното и во средното образование. Се разбира дека учебниците се еден од клучните критериуми за обезбедување на квалитет, бидејќи тоа е основниот материјал од кои што учениците ги стекнуваат своите знаења така што потребно е час поскоро да се обезбедат“, вели Биљана Ангелова ректор на УКИМ.
Оваа учебна година е трета по ред како наставата се одвива без дел од потребниот материјал, а лани дел од учениците ја завршија и без учебници по некои предмети. Граѓаните покрај за недостатокот од учебници алармираа и на низа пропусти како јазични така и печатни.
Симона Петровска