Вести Македонија

Албанска опозиција: Фирма ќерка на ДУИ го добива секој можен тендер

ДУИ по примерот на Путин гради своја олигархија, обвини здружената албанска опозиција. Реџеп Асани од Движењето Беса обвини дека „фирмата ќерка на ДУИ“ Еуровиа го добива „секој можен тендер“.

Сопственикот на Еуровиа Елмедин Адеми и други фирми блиски до него се меѓу најголемите донатори на ДУИ.

Последен тендер кој го доби оваа фирма е за регулација на дел од ободниот канал во Арачиново во вредност од скоро 64 милиони денари, односно над милион евра.

Албанската опозицијата тврди декa имало поевтини понуди.

Во конкуренција биле уште две компании од кои едната со пониска понуда, но токму Еуровиа го доби бизнисот. Прашањето е колку од овој проект ќе оди на сметката на ДУИ и на СДСМ, уште колку тендери ќе добие Еуровиа до следните парламентарни избори? На кого му се брза да ги наполни џебовите колку што може повеќе пред да оди во опозиција и конечно кој ќе бара азил во странска држава по примерот на политичкиот идело Груевски, праша Реџеп Асани од Движењето Беса.

Во Министерството за животна средина, кое го спроведува тендерот, ги негираат обвинувањата. На тендерот се пријавија три фирми, едната не ги исполнуваше минималните барања, условите и критериумите од тендерската документација. На електронската аукција учествуваа другите две фирми и Еуровиа даде пониска понуда, велат тие.

Еуровиа влезе во фокусот на јавноста по добивањето на тендерот од 1,8 милиони евра за адаптација на Спортскиот центар Борис Трајковски заради конференцијата на ОБСЕ што треба да се одржи во декември.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи негираше политичко влијание врз изборот и тврди дека била избрана најевтината понуда.

Адеми лани ѝ донирал на ДУИ скоро 40 илјади евра, 2,5 пати повеќе од законски дозволеното. Фирмите блиски до него, Еуровиа и Виаком донирале уште 60 илјади евра.

Антикорупциската утврди дека ДУИ му ги вратиле вишокот пари само еден месец пред да го добие тендерот за Борис Трајковски и со тоа бил прекршен законот за финансирање политички партии.

Антикорупционерите исто така отворија предмет и за тендерот за Спортскиот центар Борис Трајковски.

Адеми негираше дека токму таа Еуровиа донирала со оглед на тоа што има повеќе фирми кои го содржат тоа име, но се дел од поголема групација. Така, смета тој, не е прекршен законот.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе