Вести Македонија

Обвинение за полицаецот со чиј пиштол беше убиена мигрантката Фатмата од Сиера Леоне кај Гевгелија, криумчарот кој сакал да му го земе пиштолот не е обвинет

Обвинителството поднесе обвинение против полициски инспектор со чиј пиштол беше застрелана и убиена 23-годишната Фатмата Камара од Сиера Леоне. Полицаецот е обвинет за дело „Тешки дела против општата сигурност“ за што е предвидена минимална казна од 3 години затвор без затворски максимум.

Инцидентот се случи во април оваа година во местото Стара касарна кај Гевгелија. При рација за спречување на криумчарење мигранти, полицајците затекнале двајца криумчари и повеќе мигранти. Обвинетиот инспектор го извадил пиштолот и со викање ги предупредувал присутните да застанат. Еден од криумчарите пак му се свртел ненадејно и се обидел да му го земе пиштолот по што почнале да се борат. Обвинителството смета дека полицаецот не требало да се впушти во борба со криумчарот. При борењето, пиштолот истрелал и фатално ја погодил Фатмата која била во автомобилот на криумчарите.

Двајцата криумчари по настанот се приведени и признаа вина за делото „криумчарење на мигранти“  по што се осудени на по една година затвор. За смртта на Фатмата, двајцата не се обвинети.

Телото на Фатмата беше однесено во капелата во Бутел каде остана три месеци пред да биде предадено на семејството и однесено во Сиера Леоне. Блиските и нејзиниот сопруг се жалеа дека им биле барани големи суми пари за да го земат телото.

Целосното соопштение на Јавното обвинителство:

По спроведена севкупна истражна постапка, предметен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против полициски инспектор за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст. 2 в.в. чл.288 ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик.

Настанот се случи на 19.04.2023 година, во раните утрински часови близу Гевгелија, кај местото викано „Стара Касарна“ кога полициски службеник, распореден за опсервирање на теренот, го известил обвинетиот – раководител на смена, дека група мигранти илегално ја преминале државната граница на РСМ. Обвинетиот контактирал со полициски службеници за ГН Богородица кои требало да ги пресретнат и спречат мигрантите, по што полициските службеници се поставиле во близина на објект во изградба кај поранешната касарна Гевгелија. Откако во дворот на касарната биле забележани две возила во движење – ПМВ марка „Форд Фокус“ и ПМВ марка „Мерцедес“, обвинетиот издал наредба на двајца полициски службеници да се упатат кон главниот влез на касарната, додека тој тргнал кон групата мигранти.

Кога обвинетиот се приближил на околу педесетина метри зад ПМВ марка „Форд Фокус“ го забележал сега осудениот како излегува од возилото. Во меѓувреме групата мигранти се стрчале кон ПМВ марка „Мерцедес“, а обвинетиот откако им дал звучен сигнал од неговото возило се упатил кон нив со цел да го лиши од слобода второосудениот кој веќе ги прифаќал мигрантите туркајќи ги и обидувајќи се да смести што повеќе од нив внатре во возилото. Притоа второосудениот не се одзвал на предупредувањето од обвинетиот кој извикал „Стоп Полиција“, по што обвинетиот полициски службеник уште еднаш го предупредил држејќи во раце службен пиштол.

Иако знаел дека може да реагира и со тоа свесно да го доведе во ризик животот и телото на останатите присутни, обвинетиот му се приближил на второосудениот кој наеднаш се свртел и се втурнал во обвинетиот, замавнувајќи со десната рака кон вратот на обвинетиот, по што се нафрлил врз него обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Обвинетиот и покрај тоа што бил свесен дека на местото на настанот има поголема група на лица – мигранти, како и тоа дека во раката држи огнено оружје полно со муниција, се впуштил во борба со второосудениот и притоа испукал еден истрел предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на насобраните лица. Испуканиот истрел, ја погодил Fatmata Kamara од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото нанесувајќи и повреда во задниот дел на десното рамо, па како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

За кривично правниот настан пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се водеше уште една постапка во која по признание на вина две лица се правосилно осудени на затворски казни за кривично дело Криумчарење на мигранти од член 418-б став 2 од Кривичниот законик.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Ристевска: Прво ви велат „Сменете го Уставот“, а потоа ви велат „Билатералните спорови надвор“- контрадикторно е

Дејан Дејан

Министерството за правда информира дека се неточни тврдењата дека ќе се изгубат средствата од реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе