Додека Обвинителството го склопува мозаикот анализирајќи ја документацијата за терапирањето на пациентите на Клиниката за Онкологија, стотици тешко болни граѓани денеска дојдоа за да ја примат препишаната терапија или да се консултираат со лекарите за натамошниот тек во борбата против болеста. Клиничката зграда е претесна за сите, па дел од нив се надвор чекјаќи да бидат повикани.
Токму времето минато во чекање, лошите услови во просториите за преглед и терапирање и недостаток на лекови се дел од проблемите кои ги посочија пациентите на Клиниката за Онкологија. Повеќето од нив се задоволни од работата на докторите и имаат доверба во нив а други пак зад камерите велат дека е потребно да имаш врски. Директорката на Онкологија бара средства и капацитети за работа бидејќи бројот на заболени се зголемува од година во година и лекувањето на тешко болните пациенти во овие услови е многу тешко.
Пациентите кои доаѓаат од другите градови бараат да се воведе барем некаков ред при приемот бидејќи речиси без исклучок за секој преглед или примање терапија со часови се во чекалната или пред Клиниката.
Димитар е пациент од Скопје кој повеќе од четири години се лекува на Клиниката за Онкологија. Тој вели дека има доверба во лекарите, а доколку се потврдат наодите за криминал виновниците мора да бидат најстрого осудени.
Неодстаток од простор, кадар, материјали, терапија и средства се само дел од проблемите кои ги нотираше директорката на Клиниката за Онкологија, Виолета Клисарова. Интерните анализи покажале дека бројот на пациенти од 2017 година е во постојан пораст а само годинава имаат фрапантни пет илјади нови пациенти.
По наводите за организирана мрежа од вработени во рамките на Клиниката за Онкологија кои ја краделе терапијата на тешко болните пациенти подметнувајќи им физиолшки раствор за да ја препродаваат на црниот пазар Обвинителството отвори предистрага и во петокот изврши претрес во Клиниката и во домови на дел од вработените и заплени компјутери и документација. Засега нема приведени а од Обвинителството соопштија дека ќе се формира стручен тим кој ќе ја анализира запленетата документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.
Едно од клучните прашања кое останува неодговорено е зошто од 2017 година не е во функција КАТО системот преку кој прецизно се следи патот на терапијата, односно набавка издавање и терапирање и со тоа се ограничува можноста за малверзации и кражби.
Огнен Чанчаревиќ