Едно лице загина, едно се води како исчезнато, голем број останаа без електрична енергија. Поплавени се улици, заглавени се стотина автомобили, блокиран е јавниот превоз. Ова се последиците од бурата „Даниел“ што ја погоди централна Грција. Најпогодени се регионите Магнезија и Споради, а ноќта беше тешка во цела Тесалија, каде се затворени јавните и општинските служби поради невремето, а во прекин е и наставата во училиштата.
Проблеми се забележани и во болницата во Волос во која вода навлезе во ординациите со машини. Поплавено е и приморското одморалиште Милина, на полуостровот Пилион, а во областа има и проблеми со снабдување со струја. Водотекот Крафсидонас, кој минува низ градот, ја мина границата за заштита од поплави за повеќе од три метри.
Градските власти на Волос и регионалните на Тесалија апелираа до граѓаните да не излегуваат од домовите додека трае невремето кое го зафати и Солун, но засега нема информации дека предизвикало проблеми. Поплави го зафатија и Скијатос, каде поплавени се патишта поради што градоначалникот побара да биде прогласена вонредна состојба.
Грчките медиуми јавуваат за силни електрични празнења во текот на ноќта и за силен ветар утрово на брегот на Лариса и во Агија, што доведе до прекин на снабдувањето со струја во неколку села во околината. Според прогнозите на метеоролозите, дождовите во тој дел од Грција ќе продолжат и во наредните 24 часа. За денеска се најавени обилни врнежи и невреме на Епир, на Јонските острови, на Пелопонез и на островот Евија.
Грција летово ја зафатија незапамтени пожари, како последица на екстремните и долготрајни температури и суша, кои неконтролирано гореа со недели, уништија голема површина на шума, земјоделско земјиште и приватен имот и однесоа над 20 човечки животи.
Сашко Димовски