Единствен мотив за уставните измени е членство во Европската Унија (ЕУ), а по нивно изгласување ќе нема ново вето, порача премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред пратениците на почетокот на денешната дебата во собранието за дополнување на Преамбулата и амандманите 12 и 36.
Според него, уставните измени се повеќе од државничка одлука, а седницата, како што нагласи, ќе треба да покаже кој е за европска, а кој за изолирана држава.
„Секој кој сака правна држва, еднаковст пред правдата, борба со криминалот и корупцијата, подобар стандард, ќе даде поддршка за Уставните измени. Исправени сме пред финална одлука и дали ќе се бориме со оние кои земјата сакаат да ја држат во статус-кво без развој и напредок“, рече Ковачевски од собраниската говорница, потенцирајќи дека предвремени избори ќе нема.
Тој апелираше до пратениците да ги поддржат уставните измени, а говорот го заврши со зборовите – „да живее европска Македонија“.