Бројот на загинати во шумските пожари во туристичкиот град Лахаина на хавајскиот остров Мауjи се искачи на 53, соопштија властите на округот.
Најмалку три големи пожари избувнаа на Мауји во вторникот навечер, отсекувајќи ја западната страна на островот и историскиот град Лахаина, каде што беа уништени или оштетени најмалку 271 градба. Најмалку 53 лица загинаа, додека на огромен број луѓе им беше укажана медицинска помош поради изгореници, вдишување чад и други повреди.
„Додека продолжуваат напорите за гаснење пожари, денеска се потврдени 17 дополнителни смртни случаи поради активниот пожар во Лахаина, со што бројот на загинати достигна 53“, се вели во денешното соопштение на округот Мауи.
Продолжуваат напорите за пребарување и спасување, а илјадници луѓе ја напуштија областа. Пожарите опустошија цели населби на западната страна на американскиот остров. Лахаина е една од главните атракции на Мауји, која секоја година привлекува два милиона туристи на островот или околу 80 отсто од посетителите на островот.
Американскиот претседател Џо Бајден одобри прогласување катастрофа на Хаваи, дозволувајќи им на погодените луѓе и сопственици на бизниси да аплицираат за федерална помош за домување и економско закрепнување.
Причината за шумските пожари во Мауји допрва треба да се утврди, соопштија официјални лица, но Националната метеоролошка служба соопшти дека тие биле поттикнати од сувата вегетација, силните ветрови и ниската влажност.