Вести Свет Топ вести

Наместо деескалација – тензии, наместо дијалот – провокации и обвинувања меѓу Косово и Србија

Наместо деескалација, тензии, наместо услови за продолжување на дијалогот, нови провокации и обвинувања меѓу Косово и Србија. Апсењето на тројцата косовски специјалци од специјалните српски полициски единици за косовскиот премиер Албин Курти е „чин на агресија на Србија“, додека за официјален Белград е легитимна акција, бидејќи навлегле, речиси, два километра на српска територија.

Косовскиот премиер и денеска го повтори барањето за итно ослободување на тројцата полицајци. За нив рече дека се киднапирани и ја повика меѓународната заедница да го осуди настанот и да изврши притисок врз официјален Белград. На денешната прес-конференција, по состанокот на Советот на безбедност во Приштина, тој истакна оти не е зачуден од однесувањето на Србија, туку е изненаден од, како што кажа, молкот на меѓународната заедница, и што КФОР не се огласил со соопштение.

„Однесувањето на Србија не ме чуди, не ги променила апетитите. Она што нè изненадува е толеранцијата и молчењето на меѓународната заедница кон делувањето на Србија која силно бара дестабилизација. Она што ме чуди е фактот што ниту денеска, ден по инцидентот, КФОР не се огласи официјално да каже каде е тоа место. Тоа место е јасно дека е во Република Косово“, изјави Албин Курти.

Србија негира дека влегла на територија на Косово и подготвена е да ги понуди сите докази, додаваат дека уапсените се терористи кои со опасна намера тргнале кон централна Србија. Српскиот претседател во изјавата за РТС рече дека Албин Курти сака да предизвика нова војна на Балканот.

Во врска со инцидентот се огласи и портпаролот на Европската комисија, Петер Стано кој ги повика двете страни да се воздржат од било какви акции или реакции со кои уште повеќе се заострува ситуацијата. Реагираше и албанскиот премиер Еди Рама кој изрази поддршка за итна деескалација на ситуацијата, но оти и ќе ги почека резултатите од истрагата на КФОР.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Оман: Откажани нуклеарните преговори меѓу САД и Иран

Дејан Дејан

Убиена поранешна претседателка на Претставничкиот дом на Минесота

Дејан Дејан

Гореше небодер со 67 ката, евакуирани речиси 4.000 луѓе во Дубаи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе