По 40 дена поминати во колумбиската џунгла четирите деца кои преживеаа авионска несреќа синоќа беа пронајдени живи од спасувачките екипи. Доцна во ноќта тие биле извлечени со армиски хеликоптер со кој биле префрлени во градот Сан Хозе Дел Гуавиаре каде им биле пружена медицинска нега пред да бидат префрлени во главниот град Богота.
Првичните информации се дека домородните заедници кои учествуваат во потрагата, заедно со колумбиската армија по 40 дена ги пронајдоа четирите деца. Тие биле сами. Самите успеале да опстанат. Тоа ќе стане историја. Овие деца од денеска се деца на мирот и деца на Колумбија, изјави колумбискиот претседател Густаво Петро.
Малион авион со кој патувале се урна се на 1 мај, при што загина нивната мајка, пилотот на авионот и водичот. Две недели подоцна колумбиските власти ги лоцираа остатоците на авионот и телата на трите возразни лица, но не и на децата. Првичната потрага по нив откри остатоци од засолниште кои тие го направиле и други траги кои ги наведоа спасувачите дека тие се живи и изгубени некаде во тешко проодната џунгла. Следуваше неколку неделна макотрпна потрага во која покрај армијата беа вклучени и повеќе домородни племиња.
Целата држава е благодарна, им благодариме на домородните племиња Сиона и Араракуара, како и на нашите вооружени сили. Сите се радуВаме денеска на пронаоѓањето на децата, кои нормално беа пронајдени во состојба која е очекувана по 40 дена поминати во џунглата, рече министерот за одбрана Иван Веласкез.
Колумбиската армија објави фотографиите од спасените деца како и видео од спасувањето со хеликоптер, но засега нема информации како децата на возраст од 13, 9 и 4 години, и нивната сестра од 11 месеци, успеале да преживеат во џунлгата речиси шест недели.
Игор Трајков