Спорт Фудбал

Манчестер сити сонува за историска „триплета“, Интер е во Истанбул по четврта европска круна

Манчестер сити и Интер вечерва од 21 часот на стадионот „Ататурк“ во Истанбул ќе се соочат во големото финале на фудбалската Лига на шампиони. Премиерлигашот важи за голем фаворит, но италијанскиот тим е без притисок и ја има историјата на своја страна.

На Пеп Гвардиола очајно му треба трофеј во Лигата на шампиони со Манчестер сити. Еден од најдобрите тренери на денешницата  беше доведен во клубот токму поради оваа цел. Примарен дострел на богатите шеици, кои се сопственици на синиот тим од Манчестер, беше доминација во Лигата на шампиони.

Откако „граѓаните“ дојдоа до финалето во 2021 година и беа совладани од Челси со минимални 1-0, денешниот дуел е втора шанса за Гвардиола и неговите избраници. Сепак пред себе вечерва ќе имаат еден непредвидлив Интер.

„Нераѕурите“ сезонава имаа очајни натпревари, но и неколку феноменални изданија со кои и се изборија за големото финале во кое ќе ја бараат четвртата европска круна, прва по 2010 година.

Тогаш предводени од Жозе Мурињо, „интеристите“ славеа со 2-0 против Баерн Минхен на „Сантијаго Бернабеу“ и ја освоија историската „триплета“, односно трите титули по оние во Серија А и Копа Италија. Истото ќе се надева дека ќе може да го направи и Сити вечерва, откако претходно ги обезбеди трофеите во Премиерлигата и ФА Купот.

Во центарот на вниманието ќе бидат напаѓачите од двата табори, Ерлинг Халанд и Лаутаро Мартинез. Двајцата се покажаа како клучни играчи во своите состави сезонава, но на крајот само еден ќе се радува на трофејот.

На патот до финалето, Манчестер сити ги елиминираше Лајпциг, Баерн Минхен и Реал Мадрид, додека Интер ги совлада португалскит гиганти Порто и Бенфика, а потоа и градскиот ривал Милан во полуфиналето.

Пеп Гвардиола и Симоне Инзаги ги имаат на располагање сите играчи во своите ростери, нема повредени ниту суспендирани, па двајцата тренери ќе истрчаат со најдобрите 11.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Челзи во финале го чека победникот од Реал Мадрид и ПСЖ

Дејан Дејан

Кавада и Боно се нови ракометари на Вардар

Дејан Дејан

Младите ракометарки го почнуваат ЕП со фаворитот Унгарија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе