Овие последни избори јасно покажаа дека Турција не само што е поларизирана, туку исто така и поделена нација, оценува турскито новинар Мустафа Кулели во интервјуто за Телевизија Телма. Додава дека претседателот Ердоган знае како да го подели општеството, но предурпедува дека така политички не може да се преживее. „Мора да имате реални одговори“, вели Кулели.
Вредноста на турската лира падна, има невработеност, ова се вистинските проблеми. Тие не можат да се решат со вредностите, или верувањата на религијата, или национализмот. Не се решаваат така овие проблеми. Мора да бидете попаметен. Мора да имате реални одговори. Но, Ердоган нема ниту еден од нив. Ова не беше фер „игра“, тоа е јасно. Ердоган ја користеше сета моќ на државниот апарат, на естаблишментот. Државните медиуми, бирократијата, судовите, полицијата, ја користеше сета моќ на државата, но дури и во оваа ситуација, како што гледаме, лидерот на опозицијата и коалицијата имаа одличен резултат. Тие направија сѐ што можат. Дури и во оваа ситуација, западно ориентираните, секуларни Турци се половина од општеството. Значи, тој не може да прави што ќе посака повеќе. Овие 48 отсто од општеството, му испратија јасна порака на Ердоган, вели Кулели.
За 10 месеци од сега во Турција ќе се одржат и локални избори, па поради тоа очекува Ердоган во наредниот период да се фокусира на економските прашања. Дали незадоволството во земјата во иднина може да се зголемува, и дали се можни и протести против владеењето на Ердоган, Кулели смета дека тоа зависи исклучиво од политиките на Ердоган.
Ако се обиде да владее уште поавторитарно, секако. Турскиот народ има долга историја, долга традиција на користење на демократските права, како протестите. Се сеќавате на протестите во паркот Гези во 2013-тата. Тоа беа мирни демонстрации, мирни протести и тоа е дел од демократијата. Проблемот на Турција не е во недостатокот на избори. Проблемот е во недостатокот на основните права. Недостаток на слободата на изразување. Недостатокот на владеењето на правото. Тоа е нашиот проблем. Ако не се воспостават повторно овие демократски институции и права и слободи, секако ќе може да победите на изборите, но демократијата не значи само избори. Луѓето секако може да се обидат да влијаат на системот преку демократските протести. Мојот скромен совет до Претседателот Ердоган: претстани да го делиш општеството, престани да ја поларизираш Турција и обиди се да бидеш Претседател на целата земја и да ги исполниш западните демократски вредности, вели Кулели.