Москва инсистира дека ги протерала назад „украинските“ саботери, кои вчера изведоа изненадувачки напад во регионот на Белгород, продирајќи преку руската граница.
Остатоците од националистите беа протерани назад на територијата на Украина, каде што продолжија нападите се додека не беа комплетно елиминирани. Над 70 украински терористи, четири оклопни возила и пет камионети беа уништени, изјави портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков.
Украина негира дека има каква било врска со оваа група и тврди дека инцидентот во Белгород е предизвикан од две паравоени групи, Легија за слобода на Русија и Рускиот доброволен корпус, составени од руски граѓани кои се незадоволни од режимот на Путин. Двете групи за украинските медиуми изјавиле дека целта им е да создадат демилитаризирана зона долж границата за руската армија да не може да гранатира цели во Украина. Но, и покрај тоа Москва останува на ставот дека станува збор за украински саботери.
Видете, тоа се украински милиции, од Украина. Многу етнички Руси живеат во Украина, но тие сепак се украински милиции. Неопходно е да продолжиме. Нашите специјални агенции сега, секако, ги утврдуваат идентитетите на сите кои се вмешани во ова, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков, соопшти дека помеѓу нападите на „саботерите“ и украинската артилерија биле повредени неколку цивили, и дека во текот на ноќта противвоздушната одбрана соборила повеќе украински дронови, при што била предизвикана штета врз неколку објекти на земајта. Според БиБиСи, еден од погодените објекти е и зградата на државната безбедносна служба, ФСБ во регионот, но засега не се знае дали таа била цел на нападот или случајно била погодена. Гладков додаде дека биле евакуирани речиси 9.300 цивили од регионот, за кои било обезбедено привремено сместување, но и ги предупреди да не се враќаат во своите домови додека трае операцијата за чистење на руските безбедносни сили.
Според Песков, целта на овој напад врз Русија е да се сврти вниманието од Бахмут, каде неодамна сопственикот на Вагнер, Јевгениј Пригожин објави дека комплетно го освои градот, но Украинците тврдат дека сѐ уште држат делови од него.
Игор Трајков