По завршување на првото рочиште, на кое му беа прочитани точките под кои го обвинуваат, поранешниот американски претседател, Доналд Трамп се врати во својот омилен дом во Мар-а-Лаго, на Флорида, каде пред стотина свои поддржувачи упати жестоки критики против администрацијата, американското правосудство и, како што ја нарече, „радикалната левица“. Првиот поранешен претседател против кој се покренати криминални обвиненија ги обвини политичките опоненти дека го користат правосудниот систем за да го спречат повторно да стане претседател.
„Никогаш не помислив дека ова може да се случи овде. Единствениот криминал кој го извршив беше тоа што жестоко ја бранев нашата нација од тие кои сакаат да ја уништат. Од почетокот, демократите ја шпионираат мојата кампања. Ме нападнаа со лажни истраги, Русија, Русија, Русија, Украина, Украина, Украина. Број еден измама за импичмент, број два измама за импичмент. Противзаконскиот и противуставниот претрес овде во Мар-а-Лаго“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.
Инсистира дека не е виновен, дека не направил ништо незаконско и дека обвиненијата против него немаат правна основа, а, сепак, демократите, особено тие дел од администрацијата на Бајден, го прогонуваат.
„Еве до каде стигнавме сега. Имам судија кој го мрази Трамп, со сопруга која го мрази Трамп и семејство чија ќерка работеше за Камала Харис, а сега добива пари од кампањата на Бајден и Харис“, рече Трамп.
Триесет и четирите точки за кои е обвинет Трамп вклучуваат три посебни случаи со исплаќање на пари за молчење, кои поранешниот претседател ги завел како бизнис трошоци на Трамп организацијата или на неговата претседателска кампања.
„Обвинувањата вклучуваат три посебни плаќања, едната е на порно актерката Сторми Даниелс, другата е за плејбој моделот Керен Мекдугал, и третата е за вратат во Трамп кулата“, истакна Мајк Балсамо од „Асошиејтед Прес“.
Следното рочиште судијата Хуан Марчан го закажа во декемри, иако обвинителите бараа тоа да биде во јануари идната година, додека, пак, адвокатите на Трамп бараа второто рочиште да се одржи дури на пролет 2024 година.
Според американското законодавство, водењето на судски процес за кривична одговорност не спречува една личност да се кандидира за претседател, а токму тоа беше една од целите на неговиот говор во Мар-а-Лаго, да покаже дека нема да се повлече од третата претседателска трка.
Игор Трајков