28- годишната Одри Хејл е напаѓачката која вчера влезе во приватно христијанско училиште во главниот град на американската сојузна држава Тенеси, Нешвил и уби шест лица, од кои три деца на возраст од 9 години. Била поранешна ученичка во училиштето и според полицијата претходно детално го испланирала нападот. Имала нацртано мапа со влезни точки и извесно време ја набљудувала заградата. Користела најмалку две од оружјата што биле набавени легално, а во нејзиниот дом бил пронајден цел арсенал муниција. Пронајдена е и порака во која вели дека планирала и други напади.
Објавени се фотографии од безбедносните камери во училишната заграда на кои се гледа како Хејл влегува во училиштето пукајќи во една од вратите на објектот. Потоа, продолжува се движи низ ходниците со пушка во рацете – облечена во војнички панталони со маскирна апликација, војнички елек, црвена бејзбол капа.
Полицијата вели дека Хејл немала криминално досие и веруваат дека „огорченоста“ можеби била мотив за масакрот и велат дека го испитуваат манифестот што го оставила.
Родителите ноќта ја минаа во блиската црква, молејќи се за загинатите. Велат дека се изморени од масовните пукања кои повторно се случуваат во Америка, а законодавците се уште не можат да донесат построга легислатива за користење на оружје, и поради тоа велат децата ни умираат.
И претседателот Бајден го обнови повикот – побрзо да се донесе законот.
Најновото масовно пукање во образовна иснтитуција во САД, е обележано со неколку необични елементи. Првиот е затоа што напаѓачот е жена, бидејќи во периодот од 2000 до 2018 година, од 250 регистрирани вакви инциденти, жена била извршител во само 9 од нив. Вториот е што вакви напади, кои се речиси ексклузивен американски феномен, исклучително ретко се случуваат во приватни училишта . Во истиот период, од 2000 до 2018 година, само 6 проценти од масовните пукања биле извршени во приватни училишта, иако тие сочинуваат дури 20 проценти од обраозвните институции во САД.
Алиса Шутиноска