Влада Урошевиќ, страствен вљубеник во писмото и искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање, наспроти сите искушенија на современието, неколебливо верен на словото е годинашен добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата.
„Тој е зачудна литература на пресврти, игриви возбуди, на радости и на загуби, но по кои отмено и со стил се тагува. За него како автор стварноста е само отскочна штица и повод за посегање по еден друг вид, прибежиште, обликувано од имагинацијата, од волшебните, приказни и преданија“,изјава Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на СВП.
Во исто време, Урошевиќ како лауреат, денес беше прогласен и во седиштето на УНЕСКО во Париз каде на Светскиот ден на поезијата – 21 март, на чествување на 100 годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, се обрати потсетувајќи на улогата на поезијата во еден безмилосен процес на материјализација и комерцијализација на сите вредности во светски рамки.
„Поезијата како највисок облик на користење на јазикот, како начин за негово претворање во уметничка вредност извонредно многу придонесе за усовршување на македонскиот книжевен јазик и за неговото искачување кон високите области на современиот сензибилитет. Макар што тоа не се истакнува доволно често поетите и преведувачите на поезија беа во првите редови на тој поход кон освојување на новите хоризонти“, изјава Влада Урошевиќ, добитник на Златен венец на СВП.
„Во една прилика Ацо Шопов истакна дека „поезијата е една од најсуштинските човечки одредби, нешто што историски се раѓа и живее со него, па затоа нејзиното одречување значи одречување на човекот како човек.“ И со тоа самиот ни ја разреши дилемата. На нашето време поезијата му е потребна повеќе од кога било порано“, изјава Стево Пендаровски, претседател на РС Македонија.
Поетите од целиот свет, додаде Урошевиќ ја продолжуваат мисијата на одбрана на духовноста, Струшките вечери на поезијата докажуваат дека дејноста на поетите и натаму има свој значаен удел во основната задача на уметностите – во осмислувањето на светот.
Ирскиот поет Гевин Бредли, со неговата стихозбирка „Страв од разделба“, е годинешниот добитник на наградата „Мостови на Струга“, меѓународна награда што ја доделува фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ заедно со УНЕСКО, за најдобра дебитанска поетска книга во светот.
Нина Стефанова