По скоро три децении од последната изведба на успешната претстава „ Емигранти“, во Драмски театар, што ја постави режисерот Владо Цветановски, нова постановка на текстот на полскиот драматичар Славомир Мрожек, вечерва премиерно се игра во истиот театар. На иницијатива на актерот Дамјан Цветановски-син на починатиот режисер Владо Цветановски, дуодрамата ја постави режисерката Зоја Бузалковска.Таа направи концепт кој ги доловува животите на емигрантите во туѓина , но и во сопствената земја.
-Мислев дека имам што да кажам на таа тема. Особено во време кога емигранти има многу. И имигранти и емигранти. И оние што си заминуваат и оние што доаѓаат кои што го губат своето гнездо, огниште, домот… И уште пострашно е кога причината за тоа не е војна. Наизглед ништо не се случува, но се случува многу, вели Зоја Бузалковска – режисерка на претставата.
Дејствието го следи животот на политички и емигрант од економски причини. Двајцата со различна социјална и интелектуална позадина, а делат исти нечовечки услови за живот.И ја поминуваат новогодишната ноќ во недоразбирања, поврзани со егзистенцијални , но и филозофски прашања. Меѓу нив клучно е прашањето за ропството и слободата денес.
– Во таа намера да просветлиш и објасниш некому , неизбежно е да се чувствуваш дека ти знаеш повеќе од другиот. И тоа води кон ароганција , води кон една поделба за која самите од старт пропагираме дека не треба да постои, ние високообразуваните, зборувам од перспектива на мојот лик, истакна Дамјан Цветановски – актер.
– Другиот, полека но сигурно станува роб на капитализмот, од друга страна.Тоа е еден едноставен човек , семеен човек исто така, кој сѐ што сака во животот е еден скромен , мирен живот. Да се врати дома, да изгради куќа на спрат, со парно греење, вели Григор Јовановски- актер.
Мобилниот мизансцен на кој инсистира режисерката , е проширен низ целиот сценски простор, решен како инсталација од железни цевки, од сценографот Мартин Манев. Во него двајцата протагонисти го доловуваат трагикомичниот живот на емигрантите, низ бравури кои ветуваат долг живот на овој камерен проект. За неговиот дизајн на звукот и на плакатот беше задолжен Павле Игновски .
Сотир Трајков