Вести Македонија

Помеѓу ѓубрето и заразата – најпогодени се социјалците и оние без лични документи

Туберкулозата во прифатен центар за социјалци го расчлени системот со сите негови аномалии. Заразна болест карактеристична за некое минато време сѐ уште е актуелна, а најранливите слоеви во општеството се најпогодени.

Нехигиена, неухранетост, малку можности за достоен живот – кај луѓето кои живеат во вакви услови вирее туберкулозата, а службите во случајов ниту малку не им помогнале.

„Другите служби не си ја гледаат работата. Затоа, на барање на Центарот за социјална работа повикавме Водовод и канализација да ја исчисти канализационата мрежа, Комунална хигиена да го отстрани отпадот во којшто луѓето реално живеат. Денес тие се на терен, а ние ја следиме состојбата со децата во болницата во Козле. Утре дел од преостанатите деца коишто биле во допир со хоспитализираните деца ќе одат на скрининг, а друга група ќе оди во понеделник. Обезбеден е скрининг и на возрасните лица, од кои дел даваат отпор, а ние не можеме со сила да ги натераме“ изјави Јована Тренчевска, министер за труд и социјална политика.

Претходно и докторите информираа дека немаат податоци за вакциналниот статус и медицинското минато на дел од сомнителните случаи – затоа што некои не биле ниту родени во здравствена установа.

Министерката Тренчевска одговараше на прашање токму за лицата „фантоми“ за системот. Оние кои од раѓање немаат ниту матичен број, немаат документи, а ни здравствена заштита.

На повик од властите во изминатиот период се пријавиле 700 лица-анонимуси, а со помош на невладините. Активистите го лоцираат проблемот со заразните болести токму кај најранливите.

„Тие не се здравствено осигурени, не се прегледани, не знаеме каква е нивната здравствена состојба од „нула“ и уште од новороденчиња па сѐ до повисоките возрасти. И ова важи за сите ранливи категории и социјалци. Не знаеме дали се вакцинирани децата и во згрижувачките семејства“ вели Илија Јовановиќ од НВО „Градиме иднина“.

Додека проблемот останува да виси, нема крај за проблемите на лицата-фантоми кои ги нема во системот.

Од Македонското здружение на млади правници посочуваат и на дел од предизвиците со кои се соочуваат ранливите категории неевидентирани во системот.

„тоа се лица коишто немаат никакво државјанство, а дел од нив не се запишани ниту во матичната книга на родените така што самиот статус на лица без документи односно лица без државјанство ги става во ситуација да немаат пристап до ниту едно право меѓу кои, вклучително и правото на здравствена заштита. Во пракса, тоа значи дека доколку овие лица имаат потреба од било каква здравствена заштита, а во случајов зборувам за лица со туберкулоза, во ситуација кога тие се обраќаат до доктор за да им биде обезбедена здравствена заштита тогаш тие самите мораат да ги сносат трошоците за истиот“ смета Александра Ефремова, правник во Македонското здружение на млади правници.

Проблемот е повеќеслоен и системски, а во недостаток на решенија – за лицата од ранливите категории без документи остануваат само ветувањата во секое предизборие.

Политичари доаѓаат да молат за глас, а за возврат нудат евидентирање во системот и конечно решавање на проблемот.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Десничарска група поврзана со Ле Пен под истрага на Европското јавно обвинителство

Дејан Дејан

Нетанјаху за Палестинците во Газа – може да останат а може и да си одат

Дејан Дејан

Телма во Чучер Сандево: Со пожарникарите и жителите ги бранат куќите и манастирите од пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе