Високите претставници на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел и Оливер Вархеи пристигнаа во Македонија. Борел ќе ја предводи делегацијата на ЕУ на 16-тиот состанок на советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија што ќе се одржи утре. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на Фејсбук напиша дека на утрешната седница ќе се разговара за статусот на реформите, напредокот во евроинтеграциите и за билатералните односи во рамки на спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Борел ќе се сретне и со државниот врв и со политички партии, а во сабота во Охрид ќе ги дочека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти кои треба да разговараат за планот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
„Сакаме да дадеме сè од себе за да им помогнеме на Косово и на Србија да најдат начин за помирување и нормализирање на нивните односи, затоа што без тоа, нема да можат да напредуваат на својот пат кон ЕУ“, рече претходно Борел во интервју за МИА.
„Мојата улога е да го олеснам дијалогот. Ќе продолжиме да им помагаме колку што можеме, но на крајот на нив е да ги донесат одлуките. Непотребно е да се каже дека успешен исход од овој дијалог ќе има и многу позитивно влијание за целиот регион“, вели Борел во врска со средбата меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер викендов во Охрид.