„Транспаренси Интернешнл Македонија“ бара поништување на резултатите од конкурсот за подршка на долгометражни и краткометражни филмови, кој лани го спроведе Агенцијата за филм и спроведување нов оглас.
По преставка на граѓанин, од „Транспаренси Интернешнл“ спровеле монитаринг и анализа за начинот како се распределуваат средствата за филмски проекти во висина од околу 4,4 милиони евра и утврдиле дека има судир на интереси во два случаи.
Ана Опачиќ, која била назначена за рецензент на краткометражни филмови, спротивно на Законот за филмска дејност, поднела проект на конкурсот како режисер на филмот „Последната станица“. А, и членот на Филмскиот совет, Сашо Мицевски противзаконски се пријавил на конкурсот со филмот „Сузе национале“.
- „Филмскиот совет на 26.12. констатирал повлекување на овие проекти . И ние сметаме, односно очигледно е дека повлекувањето на овие проекти се случило поради интервенцијата на Транспаренски Интернешнал, односно кога сме најавиле дека ќе правиме мониторинг“, изјави Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешнал Македонија“.
Вториот случај се однесува за Бранко Петровски и Ана Василевска кои членувале во Филмскиот совет до 2020 година, а по претставка на режисерот Милчо Манчевски до Министерството за култура биле разрешени. Разрешувањето е зашто вршеле и функции на филмски советник и на рецензент на апликациите за филмските проекти на конкурсот на кој учествувал и Манчевски.
- „Тие исти лица му се назначени да ја вршат рецензијата, односно да ја оценат финансиската оправданост на проектот. Вие знаете дека во судска постапка лицето кое што има некаква врска со лицето на кое му се одлучува , треба да биде изземено од постапката“, додава Тасева.
Од „Транспаренси“ констатирале и најголемо дискреционо право за носење одлуки на директорот на Агенцијата за филм, зашто учествува во формирање на Филмскиот совет, ги именува рецензентите, советниците и други тела. За целиот случај, од Агенцијата за филм најавија одговор во текот на утрешниот ден.
На ланскиот конкур на Агенцијата за филм, режисерот Игор Иванов за филмот „Белиот“ доби најмногу пари – 713.000 евра, а веднаш под него е Милчо Манчевски, кој за филмот „Биста“ доби 453.000 евра.
Сотир Трајков