Дозволата коментатори да шират теории на заговор на Фокс Њуз била бизнис одлука на претседателот на Фокс Руперт Мурдок. Ова го признал медиумскиот могул за време на исказ кој беше објавен вчера во САД. Случајот се однесува на тврдењата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека изборите во 2020 година, на кои загуби од деморкатскиот кандидат Џо Бајден, му биле украдени.
Не станува збор за тоа дали се работи за црвено или сино, туку за зелено, рекол Мурдок пред адвокатите алудирајќи на препознатливите бои на две најголеми американски партии, сината за демократите а црвената за републиканците.
Но, ширењето лаги во врска со веродостојноста на претседателските избори од 2020 година, на крај може да се покаже како многу скапо за Фокс. Против медиумската мрежа се поднесени две посебни тужби од страна на компаниите кои го водат електронското гласање во САД, а вкупната оштета кои тие ја бараат од Фокс надминува 4,3 милијарди долари. Повеќе и од резервите кои во моментов ги поседува Фокс, а кои изнесуваат 4 милијарди долари.
Кога оштетата се мери вo милијарди, тоа може да биде егзистенцијална закана за новинарска организација, дури и за таква профитабилна каква што е Фокс. Дури и бараната оштета да биде превисока, тоа сепак ќе биде ужасен удар за репутацијата на Фокс, смета Лириса Лидски, професорка по уставно право на Универзитетот на Флорида.
Признанието на Мурдок може да има силно влијание врз тужбата за клевета на компанијата „Доминион гласачки системи“ против Фокс, затоа што за судот да пресуди во нивна корист потребно е докажување дека имало „злокобна намера“. За таква пресуда потребно е тужителот да докаже дека тужениот, во случајов Фокс Њуз, ги изнел таквите тврдења знаејќи дека се невистинити.
Докажувањето клевета е исклучително тешко во правниот систем на САД, поради Првиот амандман, кој им дава широк простор на новинарските организации, но експертите сметаа дека случајот на Доминион против Фокс беше доволно цврст, уште пред сведочењето на Мурдок.
Правиот тим на Доминион поседува приватни пораки помеѓу најпознатите ѕвезди на Фокс Њуз, како Такер Карсон, Шон Ханити и Лора Инграм, во кои тие се потсмеваат со тврдењата на Трамп дека изборите биле наместени.
Но, Мурдок во исказот сведочи дека некои од презентерите на Фокс Њуз ја поддржувале оваа политика, меѓу кои Њон Ханити, Џанин Пиро, Мариа Бартиромо и Лу Добс.
Од денешна перспектива, посакувам посилно да ги осудевме овие лаги, признал Мудорк, кој во истото сведочење тврдењата на Трамп за изборите ги оценил како „глупави и штетни“.
Во соопштение Фокс ја обвини компанијата Доминион дека целта на тужбата не правно докажување на вистината, туку пристап до насловните страници.