Цел ден разговараа, но конкретен договор не беше постигнат на средбите на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти во Брисел. Формирање на Заедница на српски општини во Косово останува во фокусот на преговорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Двајцата лидери се договорија за нова средба на 18 март во Македонија на која е најавено присуство и на еврокомесарот Жосеп Борел. Дотогаш, како што изјави Вучиќ вечерва за српските медиуми, ќе следуваат разговори со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак за имплементација на европскиот предлог.
„Во документот на Европската Унија е истакната неопходноста од почитување на претходните договори. Курти не беше подготвен да прифати Заедница на српски општини, не знам дали ќе биде во иднина. Од сите големи разговори, ништо посебно, но важно е дека разговаравме. Курти дојде со намера да се потпишува нешто. Договорено е да продолжиме да разговараме. Како и да завртите, Заедницата на српски општини е на прво место. Видов дека се води кампања против Заедница на српски општини, утре детално ќе разговарам за тоа“, изјави Вучиќ.
Со реакција по денешниот ден во Брисел, се јави поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли кој оцени дека „Косово ќе биде загубено“. Претходно тој истакна дека ќе нема договор за меѓусебно признавање, а вечерва ја прогласи Србија за победник оти, според него, ќе добие Заедница на српски општини и нема да мора да ги прекине односите со Русија.
Србија и Косово во април во 2013 година го потпишаа Бриселскиот договор. Европскиот предлог кој чека потврда на лидерите се смета најважен документ досега кој би требало да води кон сеопфатен договор за целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Сашко Димовски