Вести Македонија

Дилемите отворени, а учениците повторно надвор од клупите – кој им помага на дојавувачите за поставени бомби?!

Соопштенијата за бомби во училиштата станаа рутина и една од најчестите содржини на веб-страницата на МВР. Завршени антитерористички проверки и утврдена лажна дојава.

Половина година трае трката во празно, помеѓу институциите и дојавувачите. Денес, осумнаесет училишта во Скопје и едно од Прилеп добија меилови со заканувачка содржина. За учениците – безброј пати изгубени часови и настава, а за надлежните, тактика својствена за хибридна војна.

Премиерот Ковачевски вчера на собраниска говорница зборуваше за проблемот со сајбер-заканите и ја отвори дилемата – кој ги издава податоците на дојавувачите.

„Владата формираше посебно работно тело со најголемите експерти од МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Министерството за одбрана, коишто работат во Бирото за јавни набавки и тоа беше соопштено од состанокот на Советот за координација на безбедносните органи. Врз основа на информациите од дискусиите беа донесени конкретни заклучоци за префрлување на меил-серверите на посебни сервери на училиштата. И се поставува прашањето – како инстантно, новите адреси веднаш биле доставени до тие коишто ги праќаат овие лажни дојави за бомби?“ кажа премиерот Ковачевски во вчерашниот говор од собраниската говорница.

Денес, премиерот на новинарско прашање се обиде да допрецизира каде го гледа проблемот.

Без многу детали и без да се компромитира истрагата.

„Не би го лоцирал проблемот само во службите туку може да биде и поширок. Претпоставка би било дека вклучува некој којшто не сака Северна Македонија да има надворешна политика таква каква што има и усогласена со ЕУ, целосна усогласеност со НАТО како земја членка и земја којашто преговара со Европската унија“ изјави денес премиерот Ковачевски.

Во меѓувреме, шест месеци по првите дојави за бомби во училишта, од Министерството за образование смислија резервен модел. Препорачаа онлајн-настава еден час откако децата ќе си заминат дома, по дојава за бомба.

Првично испробано кога демнеше опасноста од зараза со Ковид, сега наставата пред компјутер се враќа како опција за учениците и наставниците.

„Да се вратат назад и за час време да бидат децата дома?! Па и родителите да се запознаени со тоа. Тоа е бесмислено решение. Ваквото соопштение од страна на Министерството за образование и наука потврдува дека тие немаат стратегија. И не е само МОН туку и институциите на системот немаат стратегија за ваквиот чекор којшто го прават кон учениците“ коментира Ѓорѓи Илиевски, просветен инспектор во пензија.

Од училиштата започна, а проблемот се прошири насекаде. Заканите од непознатите дојавувачи допреа и до други институции, музеи, трговски центри, а неколкупати евакуиран беше и скопскиот аеродром.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе