Вести Македонија Најважни

Македонските лекари протестираа за повеќе пари и права

Збрка со платите, непотпишан Колективен договор и гневни медицинари. Новиот министер за здравство во најава, уште неседнат на фотелјата има прилика да се запознае со бројните барања на кадарот од здравството.

Од доктори, до сестри и друг помошен персонал – сите на куп наместо со појадок на пауза, со транспаренти во рацете половина час протестираа.

Заради проблемите – и сестрите и докторите бегаат од државата, предупредуваат синдикалците.

„2200 лекари во последниве три години ја напуштиле државата. Апарати можеби и ќе се набават, меѓутоа треба некој и да работи со тој апарат. Некој ќе треба да го одржува апаратот. Некој ќе треба да го прочита тој наод“ изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.

 

„Мораме ние вака да делуваме, нѐ притиска персоналот, има незадоволство. Цените се до плафон, а платите ниски. Луѓето не знаат дали да плаќаат кредит или сметки за струја и вода, дали ќе купат нешто за јадење. И самите знаете“ смета Русе Пецаноски, Синдикат на Клинички центар.

Критиките се гласни – системски се разнебитува јавното здравство, на сметка на приватното.

Барањата се бројни и не се протестира само на Клинички во Скопје. Протести имаше и во Тетово, Штип и други болници.

„Во март се најавува ново покачување на минималната плата и истата ќе изнесува 20.500 денари. Тоа во здравството би значело дека петтата група на сложеност, а тоа се медицинските сестри со средно образование – ќе дојде до плата под минималната и државата ќе мора да им врши доплата до минималецот“ кажа Слободанка Грнчаровска, претседател на Синдикалната организација Тетово.

 

„Единствената причина е само непотпишувањето на анексот на Договорот за покачување на платите. Платата треба да се зголеми линеарно, за 2700 денари“ е ставот на Влатко Голомеов, претседател на Синдикатот на Клиничка болница – Штип.

Актуелните случувања со доцнењето на платите заради хакерскиот напад во Фондот за здравствено осигурување само дополнително ги искомплицира работите за лекарите и другиот персонал и ги забрза протестите.

Ова не е првпат тие да бараат повеќе пари. Синдикалците велат – повеќегодишните апели досега резултираа со 5% зголемена плата, за три години.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе