Камерите и микрофоните како „оружје“ против неправдите и проблемите. На улиците и протестите – во првите редови, а денес за своите права и слободи.
Новинарите, снимателите и фоторепортерите застанаа како многупати досега на задача, но сега да гo кажат своето пред надлежните институции.
Навредите и притисоците беа во фокусот на протестот – државните функционери и политичари кои мислат дека им е дозволено по потреба да омаловажуваат медиуми добија јасна порака од медиумските работници.
„Не замолчевме ниту кога нѐ тепаа, нѐ малтретираа, кога нѐ затвораа, кога нѐ шиканираа и кога ги губевме нашите работни места. Баш напротив, се обидоа да создадат страв, а создадоа џин. Тој џин сме ние денес овде. Тој џин нема намера да молчи и нема намера да затскрива ништо. Колку ние работиме во подобри услови, толку вие добивате поквалитетна содржина и нашето општество се подобрува. Оваа порака е за вас, а не за оние коишто нѐ напаѓаат“ изјави Павле Беловски, претседател на ССНМ.
„Стоп за негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, политичари, директори. Стоп за агресивниот државен ПР што ја зема работата на новинарите, а државните институции ги претвора во Потемкиново село за очите на јавноста. Поддршка за колегите од внатрешноста“ е ставот на Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Безбедноста на новинарите, законските решенија и дискутабилната имплементација на истите, потребата од унапредување на правата, но и лошата социо-економска состојба на новинарите – ова се само дел од проблемите за кои медиумските работници го креваат својот глас.
„За нас како новинари е многу важно да истакнеме дека никој не смее ниту лично, ниту преку посредници да се заканува на новинарите и да ги дискредитира само затоа што објавуваат информација којашто некому не му се допаѓа, а јавен интерес е да се објави истата“ вели Славица Филиповска, новинар.
„Јас, како и сите овие години, сум овде за уште еднаш да им порачам дека држава без правда не може да биде држава. Македонија нема правда. Веќе не е ниту селективна правдата, особено кога се новинарите во прашање“ кажа Душица Мрѓа, новинар.
„Не се извинуваме за незгодните прашања“ е порака во одбрана на достоинството на медиумските работници, а испратена до институциите.
Транспарентите и декорот беа кренати и пред Владата и пред Собранието до каде што маршираа колегите од медиумската фела.
Медиумските работници велат дека конечно се дочекани измените на Кривичниот законик, со кои се предвидува нападот врз новинарите и медиумските работници да се третира како напад врз службено лице.
Примената и напредокот ќе се мерат – порачаа новинарите и си посакаа подобри резултати веќе на следниот ваков собир.
Петар Догов