Вести Македонија Топ вести

Замижувања пред одговорноста и празни ветувања – пациентите со надеж, надлежните со желба, а сите без лек

Во целиот гнев за изгубениот живот на пациент со цистична фиброза, доминираат повиците за одговорност. Јавноста прашува зошто државата дозволи да почине Илијевски, но и понатаму останува мистерија – каде затаи системот, во целиот тој хаос од институционални недоречености и неисполнети ветувања.

Владата на почетокот на февруари, на седница ја разгледа потребата да се обезбедат дополнителни средства за Детската клиника, за набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза. Тогаш се наведоа неколку институции како Mинистерствата за здравство и за финансии и Фондот за здравствено осигурување, да се координираат за да дојдат до предлог решение. Оттогаш – молк.

Во меѓувреме, 45 годишниот Благојче Илијевски од Битола ја загуби битката со тешката и неизлечива болест. Сега, уште околу 130 други пациенти чекаат во редот исто како што чекаше и Благојче за лекот „Трикафта“, а кога ќе го добијат е неизвесно, по многу неисполнети ветувања и пробиени рокови од страна на здравствените власти. Од Малмед за Телма велат, не е пристигнато никакво барање до нив.

Малмед како регулаторно тело коешто е надлежно за спроведување на законските прописи, не набавува лекови туку ги следи процедурите од моментот кога ќе имаме барање. За конкретното прашање – до Малмед не е пристигнато барање за регистрација, ниту барање за увоз на лекот Трикафта. Кај нас најпрво може да се побара регистрација на лекот, а може да се бара дозвола за увоз откако ќе се исполнат условите. Дали се тоа клиники, општи болници, самите веледрогерии и увозници и правни лица и ние веднаш постапуваме, вели Лирим Шабани, директор на Агенцијата за лекови и медицински средства.

Телма праша во Фондот за здравствено осигурување – зошто лекот „Трикафта“ за болните од цистична фиброза сѐ уште не е донесен во земјава и каде затаи целата работа. Конкретните одговори изостануваат додека институциите си ја префрлуваат одговорноста. Од ФЗОМ само кратко порачуваат.

„Фондот за здравствено осигурување не купува лекови, лекови купува Клиниката за детски болести. За лекот прашајте на детската клиника“, велат од ФЗОМ. 

Ден по смртта на Илијевски, државата најде 2,2 милиони евра за да го купи лекот за дел од најкритичните болни од цистична фиброза. Премиерот Ковачевски виновник во целата ситуација гледа во децениската „комплицирана и неверојатна бирократија“, во државата. Директно го прозва и министерот за здравство Беким Сали, со барање да размисли дали може да го продолжи мандатот.

На тоа, Сали одговори дека од министерството со кое тој раководи побарани се пари од Владата за лекот – но, одобрени дури, откако еден пациент веќе ја загуби борбата со болеста.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“ продолжува – министерката бара неколку дена за решение

Дејан Дејан

Обвинение за три лица за палење на македонското знаме на денот на албанското

Дејан Дејан

Новите генерации многу малку знаат за нашето културно наследство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе