Бројот на загинати во земјотресот во Турција и Сирија од час во час се зголемува и надмина 7.200 луѓе, a чувството на загуба и очај, се шири побрзо од потрагата по преживеани.
Издржи Абуд, доаѓаме! Издржи уште малку! Издржи, го смируваа спасувачите малото момче затрупано под урнатините во сирискиот град Џандарис.
Оваа глетка станува се поретка во јужна Турција и северозападна Сирија, каде ден по катастрофалниот земјотрес, продолжуваат со потрагата по преживеани.
Сестра ми имаше четири деца. Нејзината снаа, роднини на снаата, внуци. Сите загинаа. Сите загинаа. Ако спасувачите дојдеа вчера, тие ќе беа спасени, но не дојдоа, тагуваше по своите роднини Нилуфер Саригоз во турскиот град нурдаги.
Погодениот регионот моли за помош, но најверојатно ќе биде невозможно да биде доставена во размерот кој е неопходен, иако целиот свет се мобилизира. Покрај тоа, хуманитарната помош за Сирија ја попречуваат и политички причини.
Потребна ни е тешка механизација, амбулантни возила, противпожарни возила. Немаме противпожарни возила за да ги изгаснеме пожарите. Немаме тешка механизација за да спроведуваме спасувачки операции. Многу проблеми сега испливаа на површина поради санкциите. Санкциите против сирискиот народ, порача директорот на сириската црвена полумесечина халед бубати.
Под константните афтершокови, спасувачите на многу места со голи раце копаат во урнатините, обидувајќи се да спасат барем уште еден живот.
Кога ќе стигнеме до некое лице кое починало пред само 15 минути, или 20 минути, или еден час, навистина се обвинуваме себеси. Можеби со малку повеќе напор или со малку повеќе опрема на располагање, ќе можевме живо да го извлечеме од под урнатините и тоа лице, рече Мунир ал Мостафам заменик директорот на сириската цивилна заштита, познати како „бели шлемови“.
Но, времето за заглавените под урнатините на илјадниците згради паднати згради во Турција и Сирија истекува. Но голготата на преживеаните нема да застане тука. Останати без покрив на главата, полуголи, боси и гладни, во наредниот период ги очекува и сериозен пад на температурите. Во меѓувреме, потрагата по преживеани ќе продолжи се додека има надеж, се додека на телефоните на роднините и спасувачите им пристигнуваат видеа, гласовни пораки и локации од заглавените, и се додека не се слушне и последниот плач за помош.
Игор Трајков