Лелеци за помош на југот на Турција. Луѓето очајно се обидуваат да ги пронајдат своите најблиски по двата разорни земјотреса што денеска ја погодија Турција, со јачина од 7,8, односно 7,5 степени според Рихтеровата скала.
Спасувачките екипи се борат со врнежи од снег и дожд, силен ветар и минусни температури, обидувајќи да извлечат што е можно попвеќе живи луѓе од под урнатините. Во Газиантеп, Адана, Малатија цели згради се срамнети со земја. Повеќе од 2.600 луѓе загинаа, додека 10.000 се повредени во земјотресот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели дека ова е катастрофа на векот, невидена уште од земјотресот во 1939 година.
Луѓето, голем дел од нив со мали деца, чии куќи се уништени во стравичните потреси се загрижени како и каде ќе ја минат ноќта. Дел од нив набрзина се спакуваа и заминаа кај роднини во други градови, но голем дел се принудени да останат под отворено небо, но со верба во добри вести за свои роднини и пријатели кои се под урнатините или се водат како исчезнати.
Турските власти попладнево прогласија седумдневна жалост.
Спасувачките операции се во тек и во Сирија, каде и покрај лошите временски услови, неуморно се трага по преживеани под урнатините. Во местото Атмах, северно од Алепо, сириската цивилна одбрана успеа да спаси мало дете од урната зграда. Се верува дека има стотици „заробени“ под урнатините, додека болниците и клиниките се преплавени со повредени.
Земјотресот предизвика штети и страдања во последната енклава во Сирија која е под контрола на бунтовниците и веќе погодена од повеќегодишните борби и бомбардирања за време на граѓанската војна во земјата.
Во енклавата, со центар во провинцијата Идлиб, многу од раселените и онака живеат во тешки услови во импровизирани кампови по граѓанската војна и бегалската криза кои траат неколку години во Сирија.
Многу други таму и во соседните области под контрола на владата се сместени во згради кои се со ослабена статика од бомбардирањата во минатото што ги прават уште поранливи на удари од земјотреси.
Според Сириската опсерваторија за човекови права, воен мониторинг со седиште во Британија, земјотресот предизвикал целосна и делумна штета на зградите во најмалку 58 села, градови и градови во северозападна Сирија.
Се стравува дека бројот на загинати дополнително ќе се зголеми додека спасувачите од двете страни на границата бараа преживеани низ заплетките од метал и бетон.
Серијата земјотреси која започна утринава во 4.17 минути во југоисточниот дел од земјата со потрес од 7,8 степени а продолжи со дополнителни потреси, со јачина од 6,7 до 7,5 степени во Турција и во Сирија.
Сашко Димовски