Вести Македонија Топ вести

Вучиќ: Ситуацијата во регионот е сериозна и се усложнува

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ситуацијата во регионот е многу сериозна и се усложнува и дека „изборните игри во регионот во следниот период ќе значат дополнителни напади против Србија.

Вучиќ за ТВ Хепи истакна дека физичките напади врз Србите и српските деца се случуваат на Косово, но и во Босна и Херцеговина и други места во регионот и дека „ова значи дека треба да најдеме излез од оваа ситуација и да бидеме попаметни“.

– На Бадник нападнаа српски деца и за мене е интересно што никој – од ЕУЛЕКС, Американците, Германците, до канцеларијата на ОН во Косово – не кажа дека биле нападнати две српски момчиња, туку државјани на Косово, рече Вучиќ.

Вучиќ изјави дека во Сараево биле нападнати Срби, а се наведува дека „таблоидите на Вучиќ го политизираат случајот“ и никој не се осмели да каже дека биле нападнати само затоа што биле Срби. Тој посочи дека тоа е затоа што „сакаат Србија да биде понижена и на колена“.

Посочи дека „има матрица на лаги и тој е секогаш главна цел, бидејќи само слаба Србија им одговара“. Тој додаде дека тоа е случај и во Црна Гора и дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговите соработници постојано го обвинуваат без причина.

– Мора да се обидеме да ги изградиме и да ги смириме односите и да се обидеме да ги подобриме овие односи во регионот и со Бошњаците и со Албанците, се надевам дека тоа е можно, но не сум голем оптимист, рече српскиот претседател.

Тој додаде дека веднаш по враќањето од економскиот форум во Давос ќе има средба со посредниците во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

РСЕ: Косово води кампања за заштита на признавањата на својата независност

Косовските дипломати го зголемија бројот на средби со своите колеги од земјите за кои Србија тврди дека го повлекле признавањето на независноста на Косово, објави редакцијата на Радио Слободна Европа на албански јазик.

На почетокот на јануари, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека девет земји го повлекле признавањето на Косово и дека се очекува и десета да го стори истптп, без да прецизира за која земја станува збор. Според него, деветте земји се Сомалија, Буркина Фасо, Габон, Есватини (Свазиленд), Либија, Гвинеја, Антигва и Барбуда, Света Луција и Малдиви.

На 16 јануари, министерот за надворешни работи на Того во Белград објави дека неговата земја го повлекла признавањето на Косово. Не е јасно дали изјавата на Вучиќ за повлекување на признавањето се однесувала на Того како десетта земја, пишува Радио Слободна Европа.

Косовската министерка за надворешни работи и дијаспора Доника Гарвала-Шварц рече дека Того го повлекло признавањето на Косово уште во 2019 година.

Косовските власти соопштија за спроведени средби со претставници на некои од земјите за кои Вучиќ вели дека го повлекле признавањето на Косово, како дел од напорите да се отфрлат тврдењата на Србија, што наиде на официјален одговор од косовското Министерство за надворешни работи. Министерството ги оспори тврдењата на Вучиќ, наведувајќи дека „тие не се потврдени ниту по разговорите со претставниците на различни нивоа на овие земји, ниту по консултациите со важните партнери“ на Косово.

„Србија мора итно да се откаже од агресивните напади против Косово и неговиот суверенитет и да се врати на преговарачка маса со фокус на взаемно признавање“, се вели во реакцијата на косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора од 5 јануари.

Тензиите меѓу Белград и Приштина се постојани откако Косово прогласи независност во 2008 година, која Србија одбива да ја признае. Европската Унија и САД се обидуваат да им помогнат на двете земји да ги нормализираат односите, но засега безуспешно.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Топлотен бран ја гори Европа

Дејан Дејан

Здружението на лекари по општа-семејна медицина бара реформи во примарното здравство

Дејан Дејан

Kаде ќе бидат префрлени повеќе пари за плати со ребалансот на буџетот?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе