Најважно е да се лоцира изворот на загадувањето. Според законот за квалитет на амбиентниот воздух од 2004 година и во него се предвидува, уште од тогаш, поставување на локална мрежа од мерни станици. Во суштина сме изгубиле 19 години, бидејќи таа локална мрежа за првпат влезе во буџетот на Град Скопје, по предлог на „Зелен хуман град“, во 2022 година, изјави Драган Велковска, советничка во Општина Центар од „Зелен хуман град“, во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Двете мерни станици во Гази Баба и во Ново Лисиче, кои се наоѓаат во воздушно растојание од километар и пол до два до загадувачки капацитети, тие се премногу оддалечени од индустриските капацитети. Ние немаме реално параметри околу индустриските капацитети и според информациите што и градоначалничката ги изнесе на последната прес-конференција, координираниот надзор што се спровел на ниво на Град Скопје врз загадувачки капацитети констатитал дека има капацитети кои не ни имаат дозволи. И ние тоа го знаеме со години, а работат“, посочи Велковска.
Според неа, најпрво мора, задолжително да се контролира тој сегмент, за да се осигураме дека точно се знаат изворите на загадување, за понатаму да се предлагаат решенија.
„Затоа што ако не го знаеме коренот на проблемот, сите решенија што ќе ги предложиме, нема да дадат резултат. Таков пример е сообраќајот. Ако елаборати за Град Скопје што се изработени во 2017 година и во 2019 година, велат дека во есенските и во зимските месеци, кога загадувањето е огромно, сите мерки насочени кон редукција на сообраќајот нема да дадат резултат, тогаш нема резон да има бесплатен јавен превоз“, потенцира Велковска.
Таа, исто така, вели дека е контрадикторно да се носат одлуки во советите на Град Скопје и во истовреме на ниво на Град Скопје да има 730 милиони денари издвоени за улици, а двете најголеми советнички групи во Град Скопје и предлагаат и се согласуваат да има булевари со шест ленти.
„Не може да се мотивира автомобилскиот сообраќај со инфраструктура, а од друга страна да предлагаме бесплатен јавен превоз“, истакна Велковска.