Вести Македонија Топ вести

Разрешен директорот на Управа за извршување на санкции

По филмското бегство на затвореникот Беким Мемети, прв директорската фотеља ќе ја испразни директорот на Управата за извршување на санкции. Владата денеска го разреши Марјан Спасовски, но за негов наследник не се расправало. Премиерот вчера изјави дека веќе почнал процес на селекција за нов директор и се очекува тој да биде именуван додека да му биде врачено решението за разрешување на досегашниот директор.

Директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, останува на функцијата.

Во меѓувреме беа суспендирани и командирот на одделението и затворските полицајци кои го испланирале и извршиле спроводот на затвореникот во Клиничкиот центар. Тројца од нив добија осум дена притвор, а на четвртоосомничениот му се изречени мерки на претпазливост.

Меѓу притворените е и командирот, за кого денеска од Основниот суд потврдија дека, пред четири години бил обвинет за кривично дело примање поткуп, и осуден условно на две години затвор. Казната нема да се изврши ако осудениот во следните пет години не направи друго кривично дело, но овој рок сѐ уште не е истечен затоа што пресудата е станата правосилна на 17 мај 2018-та година.

По реакциите, зошто и по осудата е вработен во затворот, од Министерството за правда, тврдат дека, при неговото вработување во Идризово во 2019-та година, тој не приложил документ за неосудуваност, туку документ од Централен регистар дека не му е забрането вршење на дејност.

Во извештајот на управата се утврдени четири пропусти пред бегството.

Упатот за лекување во Клинички центар не е составен од здравствен работник, т.е. лекар во установата или од екипа на Итна медицинска помош, која во овој случај не била повикана. Одлуката е донесена од командирот на одделение, кој ја потпишал и наредбата за спровод. За тоа не го известил директорот на установата.

Спорен е и транспортот на опасниот осуденик и убиец. Наместо да биде сместен во специјално обезбедениот дел од возилото, бил сместен во вториот дел, на седиштата помеѓу двајца затворски полицајци. Притоа, едниот од нив воопшто немал со себе огнено оружје, кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец, од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не го спречил дејствието.

Од бегалецот, Беким Мемети, нема ни трага ни глас. Неофицијално, првичните информации од истрагата говорат дека, возилото со кое избегал, се упатило кон Косово.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Топлотен бран ја гори Европа

Дејан Дејан

Здружението на лекари по општа-семејна медицина бара реформи во примарното здравство

Дејан Дејан

Kаде ќе бидат префрлени повеќе пари за плати со ребалансот на буџетот?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе