Од прочуениот ВИП-затвор за осуденици во езерска Струга – назад во дождливо Скопје. Сашо Мијалков со комбе на затворската полиција беше донесен во скопскиот Кривичен суд. Дадени беа завршни зборови по вторпат, за предметот „Титаник 2“, за изборни нерегуларности. Обвинетиот Мијалков се товари дека противправно го користел своето силно влијание за на локални избори да се офајди партијата ВМРО-ДПМНЕ која тогаш беше во централната власт, а предметот се врати на повторно одлучување, по пресудата на Апелација. Денес и самиот тој се произнесе за овој предмет.
Неговата одбрана побара од Обвинителството да го повлече обвинението.
„Титаник 2“ е предмет кој произлезе од првата истрага на Специјалното обвинителство, а поврзано со преслушуваните разговори. Обвинителот Бубевски, кој беше дел и од сега историското СЈО, добро е запознат со овие предмети на ова обвинителство, а денес побара да се ценат и олеснителните и отежителни околности за сите обвинети меѓу кои и Мијалков.
Првостепена пресуда по вторпат ќе се објави на 23 јануари во 12:30 часот, за овој предмет за кој пред шест години се покрена обвинението, а според кое екс-директорот на УБК се гони дека влијаел врз лидерот на ДПА, Мендух Тачи за да бидат направени изборни нерегуларности.
Петар Догов