Премиерот Димитар Ковачевски го пречека советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле и во владата му подари дрес на македонската фудбалска репрезентација.
„Топло добредојде за Дерек Шоле денеска на средба во Скопје. Нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. За овие предизвици, но и за многу други теми ќе разговараме на денешните средби“, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Целта на посетата на Шоле на Западен Балкан, како што претходно соопшти Стејт департментот, е да ја нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан. Шоле својата посета ја најави за крајот на прeтходната година, но поради здравствени причини беше одложена.
Во понеделникот и амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер посочи дека борбата со корупцијата и натаму останува во фокусот на официјален Вашингтон, како и дека тоа ќе биде една од темите на денешната средба.
Посетата на Шоле на земјава е во рамки на балканската турнеја, за време на која ќе ги посети и Косово и Србија.