Поранешниот шампион на Вимблдон, Борис Бекер е пуштен на слобода по осуммесечната затворска казна поради прикривање на имот и позајмици од, речиси, три милиони евра со намера да избегне отплата на долгови.
Педесет и петгодишниот Германец во април беше осуден на две и пол години затвор, откако беше прогласен за виновен по четири точки од обвинението според Законот за несолвентност.
Од затвор излезе денеска и, како што дознава „Би-Би-Си“, ќе биде депортиран од Велика Британија. Казната почна да ја отслужува во затворот Вандсворт во југозападен Лондон, пред да биде префрлен во затворот Хантеркомб во мај.
Бекер се квалификува за автоматска депортација како странски државјанин кој нема британско државјанство, а осуден е на поголема затворска казна од 12 месеци.
Тој живее во Велика Британија од 2012 година, а тениската кариера ја заврши во 1999 година. За време на 15-те години на тениските терени, освои шест гренд слем трофеи во поединечна конкуренција од кои три на Вимблдон.
Во јуни, во 2017 година, прогласи банкрот, бидејќи не успеа да отплати долг од над 3,5 милиони евра што го зел со хипотека на луксузен недвижен имот на Мајорка.