Вести Македонија

Ги имаме истите барања за студентите, но прво ги исцрпуваме можностите по институционален пат, тврди претседателот на УСС на УКИМ

„Се согласувам со барањата, и ние ги имаме истите, но различно пристапуваме“, тврди претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Славчо Темелковски, по повикот од „Студентски отпор“ за нов протест в четврток додека не се исполнат сите нивни барања, незадоволни од исходот на вчерашната средба во Собранието. Тврди дека како универзитетски собранија, прво натојуваат да ги исцрпат сите можности по институционален пат а, доколку не наидат на соработка, тогаш би активирале други механизми за остварување на студентските права.

„Студентски отпор“ – организаторот на вчерашниот протест пред Собрание, за задутре, на Меѓународниот ден на студентите, најави  нов протест за да се исполнат сите барања: да се зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, да се израмнат стипендиите со износот на највисоката, средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови” и стопирање на најавената приватизација на студентските домови и изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.

Темелковски, кој заедно со други претставници на студентите, беше вчера на средбата во Собрание  со пратеници и со министерот за образование и наука, вели дека универзитетските студентски собранија ги застапуваат барањата и интересите на студентите и постојано комуницираат меѓу себе.

Треба да се направи дистинкција помеѓу универзитетските собранија кои вчера ги застапува барањата, што беа поврзани со Законот за субвенциониран студентски оброк и организациите кои повикуваат на маршови и протести. Тие тоа го прават независно од студентските собранија и не би сакале да се мешаме. Доколку универзитетските собранија организираат студентски марш, тоа ќе го направат директно преку нивните канали на комуникација, рече Темелковски.

Официјалниот став, дали ќе го поддржат протестот рече дека ќе соопштат во текот на денов.

Соопшти дека во четврток, 17 ноември, во 13 часот, во Клуб на пратеници на средба се поканети директорите на студентските домови, претседателите на студентските домови и на сите универзитетски студентски собранија, пратеници, како и претставници на МОН односно министерот Јетон Шаќири.

Целта на таа средба ќе биде да почне да се изработува акциски план за подобрување на условите во студентските домови. За субвенционираниот оброк разговорите ќе продолжат само на работните групи, во четврток средбата е само за студентските домови, рече Темелковски.

На средбата вчера во Собрание беше договорено до средината на идниот месец на студентите да им биде исплатена субвенцијата за студентскиот оброк ретроактивно за месеците за кои се доцни, односно половина септември, октомври и ноември и исплатата да продолжи тековно до март, по условите кои и досега важеа, односно 120 денари дневно.

До 15 март универзитетските собранија заедно со МОН ќе работат на новиот Закон за студентски оброк кој ќе биде системско и долгорочно решение кое не би требало да претрпува законски измени во наредните 10-20 години, рече претседателот на УСС на Скопски универзитет.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Скопје синоќа 92 сообраќајни прекршоци

Дејан Дејан

Лишен од слобода маж од кичевско кој со секира ги нападнал родителите при што таткото починал

Дејан Дејан

Автобус во Шри Ланка излета од карпа – 21 лице загина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе