Во битката помеѓу „Огнената група„ и крилото на Артан Груби, спикерот Талат Џафери застана на страната на Али Ахмети. Дипломатски се дистанцира од случувањата:
„Јас стојам на страна на партијата. Јас и себе си сум се вложил во создавањето на тој политички субјект„, рече на брифингот со новинарите.
Се` уште нема добиено известување од двајцата пратеници од ДУИ, Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, дека ќе дејствуваат независно. Откако се потпишаа на писмото до Ахмети, испратено од повеќемина незадоволни поранешни и сегашни функционери, јавноста шпекулира дека ќе ја напуштат и пратеничката група.
„Секој има право и слобода да си го искаже својот статус како пратеник. Немам какво било известување од тие пратеници. Нивниот официјален статус е дека се пратеници на ДУИ. Владејачкото мнозинство засега има 64 пратеници„, рече Џафери.
Потпишаните членови на ДУИ кои отворено се заканија дека би можелe да делуваат како фракција, деновиве молчат. Се` уште чекаат Ахмети да ги повика на средба, за да разговараат околу нивното незадоволство од состојбите во партијата и особено од Артан Груби. Реагираат дека, три години по Конгресот не се избрани органите на партијата и дека во партијата пали и гаси Груби. Но, во првичната изјава, Ахмети не застана на нивна страна и им порача дека без секого се може.
Далиборка Демјанска Цветановска