Пилите останаа вклучени цело претпладне и сè уште не можат да се исечат сите паднати трупци – сведоци на вчерашното хаотично невреме во центарот на Скопје.
Работниците неуморно одат од една до друга локација, а на прашањето – колку дрвја се искорнати, само креваат раменици.
И тоа е само еден мал дел кој остана како последица од невремето.
Темна завеса надвисна над Скопје – се поплавија сообраќајници, трговски центри, оштетени се стотици возила и откорнати се покриви од згради.
Невремето различно го погоди главниот град. Додека во некои населби жителите сведочеа на апокалиптични сцени, во други не паднала ниту капка дожд.
„Што да ви кажам?! За пет минути отиде сè. Пет минути и толку беше. Дуваше ветер со град.“
„Јас имав среќа па вчера не бев присутна овде во Аеродром, бев на гости. Си дојдов во 20:30 часот и го видов овој ужас.“
„Ние каде што живееме не беше многу опасно. Не се испокршија дрвја. Убаво си е кај нас, во Капиштец сè е во ред.“
Градските и општински служби од доцна синоќа се на терен, а дежураа и целата вечер.
Сообраќајот на многу места беше заглавен, улиците непроодни, а возилата заробени.
Се исклучуваа семафори, некаде немаше ни струја.
Од „Улици и патишта“ велат дека сè уште не се согледани сите последици од поројниот дожд.
Се отворија многу дилеми околу функционалноста на градската канализациона мрежа и прашања дали истата треба да се надгради, а првиот човек на градското претпријатие признава и додава.
„Стручните служби треба да ја анализираат проодноста на атмосферската канализација. Скопје сепак е стар град и во оние населби коишто се понови и последни градени многу побрзо се апсорбираат паднатите количини на вода, за разлика од постарите делови каде што целата таа реконструкција е малку поспецифична и попроблематична. Но, факт е дека мора да се согледаат сите можности и да се интервенира онаму каде што се покажаа сите оние критични точки“ изјави Борис Настов, директор на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.
На бројот за итни ситуации 112 во Центарот за управување со кризи пристигнале над илјада повици.
Се пријавувало за оштетени возила, поплавени улици, оштетени гаражи, летнати покриви и паднати дрвја коишто се речиси сто на број насекаде низ градот.
„Само во скопскиот градски парк не можат да се добројат дрвјата коишто се паднати во синоќешното невреме, а екипите коишто ги расчистуваат овде, велат дека претходно биле и на други места и дека денес имаат работа насекаде низ главниот град, ден после скопското неврме.“
Насобраната вода од улиците се испумпуваше во текот на целата вечер, а се одзатнуваше и атмосферската канализација.
Состојбата беше нормализирана дури утрово, а сите проблеми со струјата во делови од градот беа отстранети во текот на ноќта.
Петар Догов