Еден од најдобрите атлетичари на денешницата, Арман Дуплантис ја продолжи низата на скокови преку шест метри и на натпреварувањето што се одржа на централниот плоштад во Лозана по 53 пат во кариерата забележа скок што ја надминува магичната граница.
Шведскиот скокач со стап во натпреварувањето што беше вовед во денешниот митинг од Дијамантската лига прескокна 6 метри и 10 сантиметри што е нов рекорд на митингот.
На вечерашното натпреварување ќе има неколку интересни трки како што е онаа на 200 метри во која ќе настапат двајцата најбрзи во оваа дисциплина Ноа Лајлс и Еријон Најтон.
Во трката на 100 метри со пречки ќе учествуваат светската рекордерка Тоби Амусан од Нигерија и Кубанката, Јасмин Камачо Квин.
Шлагер на вечерта ќе биде женската трка на 100 метри во која ќе настапи триото од Јамајка, Шели Ен Фрејзер Прајс, Шерика Џексон и Елејн Томпсон Хера, миленичката на домашната публука Муџинга Камбуџи, а тука се и Американките, Таниша Тери, Алеја Хобс и Тамари Дејвис и Мари Жозе Та Лу од Брегот на Слоновата коска.
На 400 метри ќе го следиме настапот на Фемке Бол, Далила Мухамед и Ана Рижикова, а во трката на 110 метри со пречки ќе настапи Светскиот шампион, Хансл Парчмент од Јамајка.
ФОТО: Игор Паневски