Олимпискиот шампион од Токио, Мароканецот, Софијан Ел Бакали триумфираше во трката на 3000 метри со пречки и го освои третиот последователен медал на Светските првенства откако во Лондон пред пет години беше втор, а во Доха се закити со бронзата.
Ламеча Гирма од Етиопија стигна до сребрениот трофеј и го повтори успехот од Токио и последниот шампионат во Катар додека трет е последниот шампион од Доха, Конселус Кипруто од Кенија.
Неговата сонародничка, Фејт Кипјегон славеше на 1500 метри и по втор пат во низа се искачи на највисокото место на подиумот на Светските првенства. По денешниот триумф Кипјегон има по две злата на Олимписките игри и Светските првенства и две сребра од 2015 и 2019 година.
Втора низ целта мина Гудаф Цегаи од Етиопија, а трет е Британката, Лора Мјуир.
Двојната олимписка шампионка Нафисату Тиам од Белгија го освои златниот медал во седмобој. Таа до новото злато стигна откако во последната трка на 800 метри успеа да ја надополни разликата во однос на Холанѓанката, Анук Фетер која заврши на второто место, а бронзата ја освои Американката, Ана Хол.
Бранителката на златото од Доха, Катарина Џонсон Томпсон од Велика Британија имаше разочарувачки настап и на крајот ја освои осмата позиција.