Вести Македонија

Карпош не смее да ги отпишува од градинка веќе запишаните деца, реагираат од Хелсиншки

Градоначалникот на Карпош веќе одлучи, но борците за човекови права не попуштаат. Општината нема како да ги отпише веќе запишаните деца од градинка затоа што тоа е спротивно на законите, тврдат од Хелсиншки.

Ова следува по најавата дека од 10 јуни, ќе треба да се отпишат од градинка сите деца што не живеат на територија на Општина Карпош.

Со тоа, на адреса на Хелсиншкиот комитет пристигнале бројни реакции од загрижени родители.

„Со одлуката којашто е донесена од Советот на Општина Карпош, се изменуваат условите за упис на децата и сето тоа е во ред, но таа одлука важи од моментот на донесување и како таква таа треба да важи за сите идни уписи, односно од 20 април 2022 година“ изјави Тона Карева, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од Општина Карпош реагираат на ваквиот став на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Градоначалникот Јакимовски претходно веќе изјави дека нема шанси да го промени неговиот став. Тој веќе ја потпишал донесената одлука и истата е објавена во Службен весник.

„Општина Карпош сака да стави до знаење дека и децата од нашата општина имаат право да бидат опфатени со системот за детска заштита, а не да седат дома и преку прозорец да ги гледаат градинките во кои се згрижени, воспитувани и образувани деца чии родители не се даночни обврзници на Општина Карпош“ велат од Општина Карпош.

Ваквиот заплет на настаните може да донесе и штета на Карпош, со оглед на тоа што оштетените родители кои би морале да ги отпишат своите веќе запишани деца, можат преку тужби да ја бараат правдата.

„Во услови на предвремено раскинување на договорите, на располагање на родителите им е Законот за облигациони односи и отужување на таа одлука, но секако тоа може да има негативни финансиски импликации кон Општината и кон самите родители затоа што не секој може да си дозволи да води граѓански спор во однос на предвремено раскинување на договорите“ изјави Карева од Хелсиншкиот комитет.

Општина Карпош е една од скоспките општини коишто имаат најмногу деца на листа на чекање за упис во градинка.

Иако состојбата не е како во Аеродром каде што повеќе од 900 имиња се на списокот, сепак, во Карпош над 300 деца чекаат да се ослободи место во градинките.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукање во центарот на Штип- еден повреден, напаѓачот во бегство

Дејан Дејан

Политички актер кои прифатил сервилност во Владата вака Села ги коментира изјавите на Таравари

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа со името Лaв XIV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе