Чекор по чекор и процент по процент, просветарите и властите се приближуваат до конечен договор.
Министерството за образование и СОНК денес не си подадоа рака за изнајдено решение, но напредок во преговорите – има.
Синдикалниот лидер Неделков порача дека оптимизмот е основан и дека калкулациите за зголемување на платите се на маса, додека течат разговорите за помирување на двете страни, со посредство на медијатор.
„Доаѓаме до некакви заеднички ставови. Повторно тука има нијанси на размислување за дополнително зголемување на процентот од 12% меѓутоа кога и за колку, тоа се детали кои сè уште ги утврдуваме, а за жал ниту министерот не може да излезе официјално со став бидејќи сè уште ги нема точните информации од Министерството за финансии“ изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Дефинитивни заклучоци може да има најрано во недела.
Токму тогаш истекува десетдневниот рок предвиден за крај на преговорите со вклучен медијатор, но постои законска можност за активирање на дополнителен период од десет дена за да се дојде до подобро решение, прифатливо за двете страни во спорот.
Дека има позитивни сигнали во преговорите потврди и министерката за труд и социјала, Тренчевска, чиешто министерство го назначи медијаторот во спорот.
„Да оставиме време на помирувачот и на двете страни да ги водат преговорите и од нивна страна да нè известат за тоа што ќе биде одлучено на седниците на одборите коишто се формирани согласно Законот за мирно решавање на спорови“ изјави Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
По информациите во јавноста дека за штрајкувачите од некои воспитно-образовни установи нема да има плата бидејќи се вратени пресметките, од СОНК смируваат.
За просветните работници од училиштата, плата ќе има.
Проблем има со дневниците за делот Детска заштита, односно за вработените во градинките.
Немало сигнал дека за нив ќе има пари, а тоа може да биде сериозно запнување и пречка во процесот на преговори, предупредуваат синдикалците.
Петар Догов